fbpx
ВестиРурален туризамТоп вести

Приказната од Кајмакчалан Заветот на д-р Рајс

Каде исчезна срцето на форензичарот и публицист, кој остави бројни факти за македонска историја во време на Првата светска војна, за Солунскиот фронт, за битката кај Добро Поле.

Емотивна е приказната за заветот на д-р Рајс, вкоренета во меморијата на жителите од селата под врвот Кајмакчалан, на Ниџе Планина  која  се уште буди интерес и кај пошироката македонска јавност.

Приказната за публицистот, криминолог и форензичар д-р Рудолф Арчибалд Рајс, чие срце по негова желба со години почиваше на планинскиот врв Кајмакчалан за „Зелена берза“, со жар и емоции ја раскажува хроничарот на Битола, новинарот и фоторепортер, искусен планинар Петар Ставрев.

-Безброј пати му се искачил на врвот Кајмакчалан, каде во малата црквичка „Свети Петар“ е мермерната урна каде почиваше позлатеното срце на д-р Рајс. Урната е таму, но срцето мистериозно исчезна, пред повеќе од две децении, ја започнува приказната Ставрев кој во својата домашна библиотека има и книги напишани лично од д-р Рајс, но и книги напишани за славниот форензичар од други автори.

До врвот Кајмакчалан од македонска страна се стигнува на ист начин како и пред сто години-пеш, по стрмен земјен пат. Патот е многу тежок да се изоди, па најчесто посетителите-планинари и рекреативци до врвот одат преку Грција, каде искачувањето од Лутраки е околу еден час, раскажува Ставрев.

Кајмакчалан со височина од 2,521 мeтар е највисокиот врв на планината Ниџе, која се наоѓа на граничната линија Северна Македонија со Грција, а во текот на Првата Светска војна била една од клучните позиции на Солунскиот фронт.

Рудолф Арчибалд Рајс (роден 8.07.1875  живеел до 8. 08.1929 година) бил швајцарски форензичар, публицист, доктор на хемија и професор на Универзитет во Лозана. Рајс на повик на српската влада во 1914 година дошол во Србија за да ги истражува злосторствата кои Австро-Унгарците ги спроведувале над српските цивили во Првата светска војна. Најголемиот дел од истражувањето Рајс го поминал на Солунскиот фронт, каде се воодушевил од херојската борба на српските војници за да се вратат  во своите домови, па заедно ги поминал најтешките денови и ги видел најсуровите слики на војната.

„Одвреме-навреме ветерот ги растерува облаците и маглата и тогаш пред себе ја имаме најубавата панорама што може само да се замисли. Околу пладне сме близу до врвот Кајмакчалан. Коњите ги оставаме во неговото подножје, на врвот се качуваме да го видиме боиштето. Речиси сé останало на свое место. Само што се закопани неколку трупови на загинатите, а дождот повторно ги откопува. Морничава е глетката на ова боиште. На висина од 2.525 метри, на овој гол простран терен, лежат стотици смрзнати трупови. Нивна покривка се облаците и маглата кои ги дува ветерот, а големите јастреби и гаврани крстосуваат над нив за да се најадат од нивното распаднато месо”, пишува Рајс во книгата „Што видов и доживеав во големите денови“.

Ставрев вели дека д-р Рајс оставил многу пишувани сведоштва за Македонскиот (Солунски) фронт, но и за Битола, за време на Првата светска војна, а извештаите ги праќал во швајцарски весници.

По завршувањето на војната (1918), д-р Рајс останал да живее во Белград, но оставил тестамент со барање по смртта неговото срце да почива на Кајмакчалан. Кралот Александар Први на Рајс му подарил плац на Топчидер, каде тој изградил куќа и ја нарекол „Добро поле“ по местото во Мариово, каде се одвивале дел од битките  на фронт.

-Д-р Рајс  бил погребан на Топчидерските гробишта, а Србите му ја исполниле последната желба, срцето е донесено во мермерна урна на Кајмакчалан во црквичето. Според едни извори, во почетокот на Втората светска војна, бугарски војници непосредно по окупацијата на Македонија го извадиле неговото срце од урната. Според други, тоа го сториле други лица. Едно време покојната писателка Вера Бужаровска од селото Гопеш, Битолско, југословенската Агата Кристи, изјави дека знае каде е срцето на д-р Рајс, тоа го најави во српска „Илустрована Политика“, ама еве до денес ништо не се дозна. И неодамна починатиот писател, Петко Шипинкаровски од селото Будимирци, Мариовско, кој живееше во Струга, напиша книга за страдањето на македонското население што го регистрираше д-р Рајс, раскажува Ставрев.

Нашиот хроничар вели дека приказната за д-р Рајс треба да живее, зошто таа  е посебна по многу нешта, а и срце на овој голем човек најмалку две децении не е на заветеното место, а никој не го знае одговорот на прашањето-каде исчезна.

-Д-р Рајс со своите извештаи оставил материјал за историчарите за Првата светска војна, битките на Кајмакчалан, за Битола, за Пелистер, за еден период кога 200 илјади Македонци биле мобилизирани да војуваат за Србите од една страни и за Бугарите од друга страна, кога брат, брата си го  гледал на нишанот од пушката. Затоа не само црквичето каде  е урната на д-р Рајс, туку целата линија на Солунскиот фронт, заслужува да прерасне во музеј по ведро небо, да се развие во меморијален туризам, заради минатото, но и заради новите генерации, порачува хроничарот и новинар Петар Ставрев.

Текст:Анета Блажевска

Фотографија:Игор Петровски

Слични написи

Back to top button
Close