fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Климатските промени погубни за пчеларите и за земјоделското производство

Јули, годинава беше најтоплиот месец покажаа мерењата на светски научници.

Стотици хектари изгореа во општините Куманово и Старо Нагоричане изминатиов месец. Најпогодени беа селата од козјачијата каде гореше борова, дабова шума, но изгореа и површини во кумановско на повеќе локации. Проценките на штетите почнаа, општините ги испратија комисиите на терен, земјоделците изгубија обработливи површини во пониските рурални средини, претрпеа штета на имоти, изгоре добиток. Изгореа дрвја стари пет децении.

Јули, годинава беше најтоплиот месец покажаа мерењата на светски научници. Екологистите се загрижени, а земјоделците најпогодени. Директна штета трпат пчеларите од двете општини кои секоја година имаат сè понизок принос, а за наредната, поради пеплосаните територии стравуваат дека ќе се повтори најлошата 2020 кога не извадија ниту тегла мед по кошничка. Во екот на пашата, раскажуваат пчеларите временските прилики биле неповолни за пчелите. Микроклимата е уште позначајна за пчеларите.

Претседателот на здружението „Пчела“ Куманово, Горан Митевски вели дека климатските промени директно ги погодуваат пчеларите. Тој пчелари на три локации во Којнаре, Градиште и Пезово. Микроклимата е различна од сите три места што резултира со различни приноси, па така, појаснува Митевски, просечно во Којнаре има еден килограм, во Градиште седум-осум, во Пезово од 11-12 килограми. За среќа вели, медоберот го завршил пред пожарот.

– Пожарот го зафати овој дел, Мургашки рид. Доколку се измести фазата на цветање на билките што директно зависи од климата, тогаш имаме намалено нектарење, а со тоа и намален приход на мед. Пчелите ги опрашуваат растенијата, овошките што пак со годините е недоволно. Пчелата сè уште не може да се адаптира на овие страшни климатски промени, појаснува Митевски.

Трајче Денчевски има два пчеларници во двете општини Старо Нагоричане и Куманово во Сув Ора и Зебрњак со 170-тина кошници. Приносите последниве четири години се едноцифрени по кошница, но сепак повисоки во Старо Нагоричане.

– Според анализите во населено место има бетон, асфалт, за разлика од село каде целиот простор е со зеленило. Низ годините забележав помали приноси во градската средина. Климатските промени имаат влијание врз целокупното земјоделие што придонесува за намалени приноси низ годините, вели Денчевски.

Пчеларите велат дека ќе се приклучат на акциите за пошумување не само на медоносни растенија, туку генерално во сите акции кои ќе се организираат од општините или државата.

Невладините организации предупредуваат дека климатските промени најмногу ќе ги погодат земјоделците. Елена Николовска од „Еко-свест“, посочува дека долгите сушни периоди влијаат врз раноградинарските култури, претходниот месец овоштарниците од ресенско претрпеа штета, претходните години излевањето на реките го преполови родот.

– Според анализата за климатски екстреми во земјава направена како дел од CBIT проектот во склоп на Министерството за животна средина, можеме да очекуваме земјата во иднина да се соочи со потопла и посушна клима. Се очекуваат и екстремни бури кои ќе предизвикаат поплави. Наглите промени во времето се тешки да се предвидат, а ова значи огромни штети и загуби за земјоделците. Пожарите како директна последица од климатските екстреми предизвикуваат огромни штети и загуби, како по природните екосистеми така и по локалните заедници. Видовме како стока и житни култури се целосно пеплосани во пожарите кои ја зафатија целата држава овој месец, ова е материјална штета која државата ќе треба да ја надомести, меѓутоа нашата држава не е финансиски подготвена да ги надомести и да се справи со сите овие штети и загуби и ова е случајот со речиси сите земји во развој и неразвиени земји, вели Николовска.https://nezavisen.mk/klimatskite-promeni-pogubni-za-pchelarite-i-za-zemjodelskoto-proizvodstvo/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close