Вести
Климатските промени се закануваат на земјоделските култури
Температурни промени од триесет и повеќе степени целзиусови во една седмица, па дури и во едно деноноќие, се случуваа во последната декада на јануари, во зимска сезона без снег. Оваа состојба како последица на климатските промени, беше сериозен аларм за аграрот, првенствено за овоштарството, лозарството и градинарските култури.
-Континуитет на висока температура рано на пролет и во доцна зима, може да придонесе до прерано расцветување кај овошните култури и појава на цветните папки, но потоа падот на температурите и мразеви, може да придонесе од уништување на цветните папки и намалување на приносите. Кај градинарските култури кои имаат расадни нежни растенија, температурните шокови исто влијаат негативно- рече Игор Златков, директор на Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството.
Земјоделците, особено носителите на покрупно фармерско производство, се свесни за можните последици.
-Преку ден има високи температури до плус дваесет, а навечер паѓаат ниски температури до минус седум осум. Во градинарските култури и во овоштарството, тоа е многу осетливо. Тие што увезуваат семенски материјал, треба да се обратиме кај нив, за семе што може да издржи на плус и минус- рече Митат Исмаиловски, фармер од с. Будаково, кој обработува 300 ха земјоделски површини.
Дури и стручните препораки се во насока за правилен избор на семенски материјал, заради справување со ваквите температурни шокови.
-Препорачуваме користење на сертифициран семенски и саден материјал, кој што, дополнително е субвенциониран од страна на државата, но сепак да се користат такви сорти што се отпорни на измрзнување и на рани мразеви- рече првиот човек на АПРЗ.
За справување со климатските промени, во Министерството за земјоделство е изработена Стратегија, а едукација на терен вршат универзитетски професори. Препораките опфаќаат соодветна примена на семенски материјал, системи за наводнување, пластеници и други зафати. Како најзагрозени подрачја се сметаат пелагонискиот, козјачко- кумановскиот и повардарскиот регион.