Кога возрасните сточари веќе не можат, помладите најчесто ги продаваат стадата
Во ова време, што би рекле моите тиквешани, многу често не можеш да најдеш човек, дури и на софра да го поканиш, а не пак да те замени во сточарството
Дваесет и една година без престан пасам овци, речиси не знам што е свадба сите овие години, на погреб на блиски луѓе не можев да отидам поради обврските околу стадото, а најболно од сè ми е што на крштевката на роденото внуче што го носи моето име не можев да присуствувам како што посакував, оти сепак некој треба да се грижи за триста овци што ги поседува моето семејство. А имаше болни животни, кои не можеше да бидат оставени сами. Булукот не се остава никогаш сам.
Во ова време, што би рекле моите тиквешани, многу често не можеш да најдеш човек, дури и на софра да го поканиш, а не пак да те замени во сточарството. На ручек да го каниш не иде, ете такво време дочекавме. Во Тиквешијата ќе слушнеш како велат, каниме блиски на ручек и не идат, а не пак да ги поканиш да ти покопаат на лозјето. Или уште помалку, да ти ги попасат овците.
Вака започна да ми ја раскажува сопствената сточарска животна приказна, сточарот Ѓорѓи Велков од кавадаречкото село Марена. Неговото стадо, тој го одгледува во месноста Овчка Река кај Кавадарци.
– Дваесет и прва година сум самостоен сточар. Роден сум во сточарско семејство во кавадаречко Страгово, надалеку познато по едно од најквалитетно произведените сирења во Тиквешко, па и пошироко. Отсекогаш имавме овци. Едно време ги продадовме овците, дедо ми си остави само десетина-петнаесет за него. Кога од Страгово се преселивме во Марена, не сакаше живот без барем неколку овци. Заради него, ги докаравме тие десетина-петнаесет овци. Ги вртевме, што се вели, колку за маја. Да не се разболи човекот, ете, ако го оставиме без овци. Еден период бев вработен, но кога во 1990 година останав без работа, а фирмата во која дотогаш работев ми должеше дваесет изработени плати, го курдисав пак тоа што најдобро го знам, сточарството, рече Велков за МИА.
Некои, ако треба и ќе платат, само да се отарасат од стадото.
Десетина години заедно сточареле со татко му и брат му. Потоа ја поделиле работата и оттогаш сточарел сам. За цело ова време, многу малку денови бил отсутен од трлата.
– Тежок е сточарскиот живот. Ако кон тоа се додаде и фактот дека кај нас сточарите години наназад постои незадоволство од пласманот и цените на нашето производство, јасно е зошто се намалува сточниот фонд низ годините. Кога возрасните сточари веќе не можат, помладите најчесто ги продаваат стадата. Што би рекол јас, ако треба и ќе платат, само некој да се нафане да го земе стадото, да се отарасат. Секоја чест на исклучоците. Има и такви што пробуваат да сточарат, без рзалика дали потекнуваат од сточарски семејства, па се откажуваат. Тие што треба да ги наследат сточарите, најчесто тргнуваат по други патишта. Наместо да се занимаваат со сточарење, избираат бизнис со транспорт со камиони, на пример. Самиот имав близу петстотини грла, сега се околу триста. Плус стадо од триесет кози што сега го имам, откако продадов стотина. Меѓу нив и младото јаре што го крстив Меркел, оти е многу паметно. Како минат годините, не можам сам да се грижам за нив. Трета година ги продавам, ама нема муштерии. Тие двесте ги продадов, искрен беше овој 54-годишен човек, кој не криеше дека и тој сака како другите да има слободно време. Се шегуваше дека ако го продаде стадото, ќе појде во градот и ќе седне во кафеана, како што тоа го прават чаршијарите.
Го прашав зошто не обезбеди дополнителен човек, кој ќе му помага во овчарските работи, но тој беше дециден дека ниту тоа не е лесна работа.
– Некој ќе рече, не е тешка овчарската работа. Ти си седиш под сенка со кавалот и си свириш, а во 21 век можеш и да си зборуваш на мобилниот телефон, додека овците мирно си пасат на ливадата. Но, животот не е филм и во стварноста не е така. Особено не во мојот крај, каде што местото не е толку прегледно оти станува збор за нерамен терен и мора постојано да се трча по овците, за да не се случи да залутаат и да ги снема. Мора да се внимава да не отидат во нечиј имот, лозје, овоштарник. Пасењето овци не е едноставна работа и не секој може да ја работи. Да се оди долго со километри, под секакви временски услови, да се знае да се молзат овците и да се прави сирење од млекото, да се бдее при секое доаѓање на свет на ново јагне, теле, јаре. Знаете, овчари слабо се наоѓаат, некако нема мераклии за овци пасење. Дури ни тие што израснале во сточарски семејства, а камоли пак други, дециден беше Велков.
Стадата што се продаваат заминуваат надвор од државата
Намалена е стоката според евиденцијата на сточниот фонд, потврди за МИА, Дејан Ѓокоски, вработен во Јавното претпријатие за стопанисување со пасишта, подружница „Кожуф” Кавадарци.
– Во моментов има стотина фарми во четирите општини во Тиквешијата. Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија. Се мисли на фарми со овци, крави, кози. Од пред неколку години во Прилепско е забележана тенденција за нагло да се продава сточниот фонд поради незадоволство од цената на млекото кај овчарството. Причина прва за намалување, а тука е и цената на јагнето. Неможност работна сила да се ангажира, како заминува стариот сточар, умира или го напаѓа болест и млади, никој не сака да презеде. Умира сточарот и за еден месец се продава сè, имало такви случаи. Умира сточарот, децата ја продаваат стоката. Имам такво искуство во прилепскиот дел, мариовскиот посебно, каде што се работи интензивно овчарството. Ретки се случаите кога преземаат, појасни Ѓокоски.
Друг проблем, додаде, е и работната сила.
– Никој не сака да работи сточарство. Има и до 50 илјади денари плати, ама џабе. Никој не сака да биде сточар и покрај тие пари, нагласи тој.
Пред пет години, во Тиквешко имало околу четири – пет илјади грла крупна и ситна стока повеќе, отколку сега.
– Но, мора да нагласам дека ние ги евидентираме само тие што се на испаша, што користат државни пасишта, а не и шталските. Штом има незадоволство од цената на некој сточарски производ, се продаваат стадата. Жално е што сите стада што се продаваат одат надвор од државата. Не остануваат овде. Да мигрираат од еден град во друг, не е опасно. Но, заминуваат претежно во Албанија и Косово, рече тој.
Иако е сè уште млад, Велков и самиот смета дека кога него ќе го нема, ќе го нема повеќе и неговото стадо
– Се плашам дека сè поретко ќе има трла во кои во живо ќе може да се набљудува како се раѓа нов живот во животинскиот свет, како цицаат младите животинчиња од своите мајки и како учат од постарите во стадото. Би сакал сегашните и идни генерации да не учат за животот во стадо преку фотографии и видеоматеријали снимени во минатото, туку и понатаму да може да се посети едно трло и да се види како е организиран таму животот, како безбедноста, покрај на сточарот, им е доверена и на овчарските кучиња чувари, ми рече тој кога со група планинари бевме гости на неговиот сточарски имот.
Тогаш, на четириесетина Целзиусови степени, на самото место можев да се уверам дека навистина не е лесно да се биде сточар.
– Поарно човек да оди во затвор, отколку да биде овчар и да пасе овци. Оти таму те хранат како свиња, а тука треба да трчаш како ѓавол. Таму и викенд ти следува, а тука во 21 година работа, речиси и да немам викенд. Така велам, нормално, на шега, но сепак мислам дека, всушност, мојот живот е моето стадо. Што би правел јас без него, ме праша Велков, додека животните од неговите трла, со своите милозвучни гласови и клопотарци и ѕвонци околу вратовите, како да се обидуваа да го натпеат веселото друштво, кое беше дошло на гости, на фармата кај Велкови.https://nezavisen.mk/koga-vozrasnite-stochari-vekje-ne-mozhat-pomladite-najchesto-gi-prodavaat-stadata/