fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Иновативна, креативна, профитабилна-штипската фирма „Агро 9-ти Километар“ брои успеси во оранжериското производство

Домашно производство на рукола, бејби спанаќ, нане, мента. Лозов насад по принципот клуч на рака. Она што ќе следува е модерен центар за пакување на производите, со што ќе се затвори целокупниот процесот на оранжериско производство, велат од штипската фирма „Агро 9-ти Километар“.

Иновативна, креативна и профитабилна, ова се главните карактеристики за  успешната приказна на штипската фирма „Агро 9-ти Километар“, која се занимава со оранжериско производство и производство на лозови насади. И очите и душата ви се целосно исполнето со секој поглед на оранжериите, а оваа приказна плени уште повеќе кога се знае дека се започнало од вредните раце на млад човек кој се посветил на земјоделието.

Сопственикот Васко Арсов, за девет години откако постои фирмата успеа да воведе толку новини во оранжериското производство, да биде толку креативен и да се посвети на земјоделието што успехот е неизбежен. Додека пласманот на неговите производи е загарантиран и заминува за извоз, Арсов размислува за реализација на нови и нови проекти што ќе ја комплетираат оваа успешна земјоделска приказна од истокот на државата.

Лозов насад по принципот клуч на рака

Фирмата на Арсов, ДООЕЛ „Агро 9-ти Километар“ од Штип, е основана на 23 мај 2011 година, за продажба на специјализирани машини во земјоделството, како комбајни за берба на вишни, за грозје, за сливи и ред други производи. Потоа за специјализирани проекти за садење на лозје и други видови садници, механизирано, целосно автоматски, проектирање на лозови насади поставување на столбови и жица и припрема на насадите за механичка берба, покривање на насадите со заштитна мрежа, со еден збор кажано од проект  до реализација на лозов насад по принципот клуч на рака.

-Нашата компанија е застапник на најголемата фирма за производство на лозови калеми ВЦР „Раушедо“ од Италија, „Тесрете“ покривните мрежи и ред други софистицирани компании. Нас довербата ни ја дадоа најреномираните фирми во оваа бранша. Наши комитенти се: „Тиквеш“, „Бовин“, „Риго Инпекс“, „Езимит“, „Викторија Фруи“, „Ледра Агро“, „Зем Производ“, „Вардар“- Градско кои се најпрестижни во овој дел. Годишно подигаме по минимум 50 хектари, по принципот клуч на рака, благодарение на ИПАРД програмите кои се достапни во државата. Единствени сме на пазарот со такви можности и дневно можеме да подигнеме од 3 до 5 хектари лозов насад и други овошни насади, вели Арсов за „Зелена берза“.

    

Домашно производство на рукола, бејби спанаќ, нане, мента

Пред три години фирмата „Агро 9-ти Километар“ од Штип, продолжува да воведува новини и да испробува нови култури во оранжериското производство, што од оваа гледана точка значат нови успеси и отворање на нови можности.

-Нашата компанија почна да се занимава со производство на рукола, бејби спанаќ, ајсберг, радичио, нане и мента, производство кое за првпат беше регистрирано на територијата во Р. Македонија во 2017 година. Започнавме во оранжериите „Анска Река“- Валандово со не цели 3 хектари со рукола и бејби спанаќ, за да денеска 2020 година, се пофалиме со 16 хали по 1,5 хектари или вкупно 24 хектари под овие култури.

Во Оранжериите во „Вардар“- Градско 4 хали по 1,5 хектари, вкупно 6 хектари и на отворено за првпат кај индивидуален производител во село Јосифово на површина од 3 хектари, вели Арсов.

Нови култури за намалување на трошоците за греење во оранжериите

Македонското оранжериско производство стана неконкурентно во споредба со производите од соседните земји токму поради големите трошоци за греење на оранжериите, вели главниот агроном во фирмата Радован Шкилевич од Валандово.

-Македонските производители во оранжерии беа пред колапс, заради најголемата ставка во оранжериите, а тоа е греењето кое сите не правеше неконкурентни пред соседните држави-Албанија, Турција и Грција, заради предноста со климатските услови кои ги имаат овие држави. Едноставно од 2014 година, оранжериското производство беше дојдено во крајно неповолна ситуација и повеќето оранжерии не работеа зимскиот период токму заради греењето, туку само пролет и вадеа една реколта. Нашата компанија заедно со нашиот стратешки партнер „Лалине Верде“ од Италија кој е најголем производител на свежа салата во Европа, заедно дојдовме до идеја да започнеме со производство на рукола и бејби спанаќ во Р. Македонија и тоа го направивме 2017, во оранжериите во „Анска Река“- Валандово, вели главниот агроном Шкилевич.

Машинското производство го намали трошокот и за наем на работници

Покрај ставката греење кој им беше најтешка за оранжериското производство,  фирмата се соочуваше и со проблемот наемни работници. Но, одлуката да се произведува рукола и бејби спанаќ, носи позитивен момент и околу потребата за ангажирање на минимум работна сила.

-Се намалуваше и бројот на работници кои се потребни за производниот процес, кои во моментот се во недостаток и го поскапуваат самото производство и самиот производ и со тоа сме неконкурентни на странските пазари. Само за илустрација, за одгледување на една хала домати или краставици од 1,5 хектари, потребни се од 15 до 18 лица, додека за одгледување на рукола и бејби спанаќ од 1 до 2 лица по хала. Самото тоа што нашето поднебје се покажа како добро за рукола и бејби спанаќот автоматски со машина се сее семето, автоматски се коси, се полива со спринклери кои прават оросување, се со цел полесно да ја прими влагата и сите тие работни процеси се вршат со двајца работници, а нас не прават повеќе конкурентни, заклучува Шкилевич.

Производството патува за Русија

Цената на производот на руколата која се плаќа на кооперантите се движи од 1,75 евра по килограм и на бејби спанаќот од 1,75 до 2 евра по килограм со тоа што купувачот си ги обезбедува сите репроматеријали за пакување и транспорт на производите, велат нашите соговорници.

-Сто проценти од произведената роба оди за извоз на рускиот пазар со следната динамика, од 15 септември до 15 јуни по три камиони неделно, со можност за зголемување на капацитетите секој ден камион, но затоа се потребни сериозни кооперанти кои во моментот ги имаме само тројца. Се надеваме со довербата која ја здобивме тој број ќе се зголемува секоја година се повеќе. Со тоа покажуваме дека треба да го напуштиме традиционалното земјоделско стопанство само со 4 култури, туку треба да се охрабриме и да направиме новитети како што се одгледување на овие култури погоре споменати, и плус нане и мента кај кои производната цена се движи до 2,5, односно до 3,5 евра по килограм. И секако обработка на култури кои 98% се обработуваат машински, со што производството го прави поевтино и поконкурентно, вели искусниот агроном Шкилевич.

За следната година модерен центар за пакување на производите

-Во моментот сето горе наведено производство го извезуваме рефус, каде во Русија го пакуваат и производот добива нова додадена вредност. Се надеваме дека конечно 2021 година, ќе направиме модерен центар за пакување на производите и со тоа би го затвориле процесот, нормално ова ќе значи и поголем девизен прилив во државата, велат од фирмата „Агро 9-ти Километар“ од Штип.

Анета Блажевска

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close