„Насоки за унапредување на земјоделско – прехранбениот сектор во Република Северна Македонија“ е темата на Меѓународната конференција што ја организираше Стопанската комора на Македонија. Целта е преку искуствата на претставници од компаниите, здруженија, асоцијации и државни институции да се предложат мерки и насоки за унапредување на земјоделско – прехранбениот сектор.
Во земјата постои неконзистентна земјоделска политика, а субвенциите не се гаранција за успешен агро сектор, констатираше проф. д-р Благица Сековска од Факултет за земјоделски науки и храна, Универзитет „Св.Кирил и Методиј“- Скопје. Агро секторот се соочува со повеќе проблеми, но за подинамичен земјоделски развој треба да се даде пред се одговор на неколку прашања. Имаме ли ние села, дали има луѓе во селата и конечно, дали луѓето што се останати во селата се обучени да имплементираат современи ИТ практики и технолошки решенија, пишува на веб страницата на Стопанската комора на Македонија.
Професорката порачува дека освен мерката субвенции, треба да се најде начин како со друг тип на мерки и политики да се задржат луѓето во селата, но не по цена сите да се занимаваат со земјоделство. За да се реализира ова потребно е да се направи сеопфатна анализа.
И натаму остануваат проблемите со неискористени средства од ИПАРД програма, потешкотии во пристап до финансии за фармери, пренамена на земјоделско земјиште во градежно, не постои грижа кон системите за наводнување, недостиг на работна сила, недостаток на здружување на фармерите, посочи проф. д-р Благица Сековска.
Проф. д-р Ордан Чукалиев од Факултет за земјоделски науки и храна, Универзитет „Св.Кирил и Методиј“- Скопје акцентот го стави на проблемот со образовниот систем, науката е искулчена од донесувањето на одлуките во сферата на земјоделството, вели тој. Чукалиев констатира дека потребен е советодавен систем за земјоделците, потребни се транспаренти и достапни податоци кои ќе водат до едукација на земјоделците и унапредување на земјоделството.
Македонското земјоделство во изминатите 25 години се соочува со големи предизвици. Членството во СТО, Спогодбата со ЕУ, членството во ЦЕФТА, ги проширија можностите за зголемување на извозот, но истовремено ја зголеми домашната конкуренција.
Зајакнување на свеста за македонските земјоделски и прехранбени производи чии имиња се заштитени со оригинални ознаки за потекло, заштитени географски ознаки или загарантирани традиционални специјалности со цел да се зголеми нивната побарувачка, да се зголеми интересот на производителите за влез во производство на заштитени производи за да се постигне нивно подобро позиционирање и да се спречи злоупотреба на заштитени имиња на пазарот.
Преставникот на Стопанска комора на Хрватска Жаклина Јуришиќ, говореше за предизвикот со кој ќе се соочи земјата но особено агро секторот со велзот на Северна Македнија во Европската унија. За таа цел Јуришич со присутните ги сподели искуствата на Хрватска. Што значи прилагодување на целиот земјоделски сектор на политиката што се води во ЕУ, со исти царински прописи, фитосанитарни и ветеринарни правила, потоа почитување на заедничка земјоделска политика, заедничко регулирање на пазарот.
На Македонија и недостасуваат економски одржливи рурални заедници кои ќе допринесат во развојот на македонското земјоделство и пласман на македонските производи на странските пазари. Предлог-Буџетот за оваа година за секторот земјоделство, предвидува мерки и политики кои се во насока на унапредување на земјоделството, преку зголемување на обработливите површини, создавање услови за модерно и конкурентно земјоделско производство. Во таа насока, неопходно е да се спроведат активности поврзани со промените во животната средина за да во еден догледен перод може да се видат резултатите од добрата земјоделска пракса, подигнување на свеста на населението за значењето на можностите кои ги дава Македонија за производство на здравствено безбедна храна. При тоа, посебно внимание треба да се посвети на адаптација кон климатските промени (како во растителното производство, така и во анималното), контролирано управување со водните ресурси, биоенергијата и биодиверзитетот во државата, истакна д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, потпретседател на Стопанската комора на Македонија на отворањето на Конференцијата.
Конференцијата која се одржува во Стопанската комора на Македонија има за цел ставовите и пораките што ќе ги испорачаат бизнис секторот и домашните и меѓународни експерти од областа, да ги дефинираат насоките на идниот развој на агро секторот во државата.
З.Б.