fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиТоп вести

Кој потфрли во производството на лебното жито – земјоделците или државата?

Земјоделците бараат да се снижат критериумите за жито за човечка исхрана

Кој потфрли во производството на лебното жито – земјоделците или државата? Годинава квалитетот и приносите на пченицата ги изненадија и земјоделците, но и државата која издвојува не мали пари за поддршка на оваа стратешка култура. Причината за нискиот квалитет и слабите приноси земјоделците ја гледаат во влажната година која влијаеше на развој на болести кај пченицата, а државата прстот го впери во земјоделците кои, како што изјави вчера државниот советник во Министерството за земјоделство Трајан Димковски, штеделе на ѓубрива и не користеле заштитни средства за болести.

Земјоделците сега бараат државата да најде начин како да се искористи пченицата иако е со послаб квалитет. Тие предлагаат да се снижат критериумите за употреба на житото за човечка исхрана, за да не заврши поголемиот дел од произведеното како сточна храна.

– Квалитетот на пченицата годинава е катастрофален поради климата и новите болести кои се појавија поради високата влажност. Дождот го преполови квалитетот на зрното. Иста е состојбата и во соседството од каде што се увезува пченицата. Соседите секако ќе најдат начин да ја употребат и со ваков квалитет за човечка исхрана. Но кај нас никој не размислува за тоа, бидејќи предност имаат мелничарите. Ние предлагаме државата да реагира со намалување на критериумот за хектолитарска маса, со тоа што сега наместо од 100 килограми пченица да се произведат 70 или 80 килограми брашно, да се произведат 65 килограми. Со тоа ќе се овозможи поголеми количини од пченицата да се искористат и да не завршат како сточна храна, но тоа нема да влијае на квалитетот на брашното, да бидат сигурни граѓаните. Дополнително, бараме при пополнување на стоковите резерви да се откупува домашната пченица, а при утврдување на квалитетот да има присутен и претставник на земјоделците – вели претседателот на Асоцијацијата на земјоделци Петре Стојкоски.

Според него, не држи изјавата на државниот советник во Министерството за земјоделство Трајан Димковски дека слабите приноси и квалитет на пченицата се поради тоа што земјоделците штеделе на ѓубрива и не користеле заштита.

– Главна причина за слабиот квалитет и приноси на пченицата е климата, но ако смета Димковски дека сме штеделе на употребата на ѓубрива нека издејствува повеќе пари за земјоделците наесен. Ние сме инвестирале во пченицата колку што ни била долга чергата и во период кога тоа е најпотребно за нашето производство, а ако државата смета дека треба повеќе треба да размислува како да нѐ стимулира. Лесно е да се даваат изјави од канцеларија без да се има увид во фактичката состојба. Секоја година имаме нова болест на пченицата, ние се обидуваме да одговориме на сето тоа – вели Стојкоски кој додава дека земјоделците се гневни од изјавата на Димковски.

Тој додава дека земјоделците знаат кога треба да ги прихранат посевите и која количина на ѓубриво да фрлат во тој период и каква заштита да употребат, но поголемиот дел од нив немаат средства и можност тоа да го направат навреме бидејќи нивниот производ секоја година има ниска откупна цена, а разликата на производната и откупната цена е висока.

– Земјоделците се загрижени дека со откупната цена на пченицата која годинава падна на 9 денари за килограм од ланските 20 денари, нема да можат да инвестираат во новото производство. Како земјоделци не можеме да се справиме со берзанските цени, но со оглед дека годинава имаме ниска откупна цена нашите загуби ќе бидат високи што ќе влијае и на следната производна година. Не се знае и каква година нѐ очекува за следното производство. Сето тоа го прави земјоделецот несигурен во производството – вели Стојкоски.

Тој смета дека наместо државата да ги обвинува земјоделците за ниските приноси треба да ги поттикнува да употребуваат нови агротехнички методи кои ќе бидат соодветни на климатските промени.

Димковски вчера обвини дека земјоделците штеделе на ѓубрива и не употребиле заштини мерки од болести на пченицата.

– Годинава житата потфрлија, со намален принос, но и со квалитет и тука е клучот што постојано го зборуваме. Кај нас житото се заштитува само од плевели, но последниве години покажаа дека мора да се заштити и од болести. Затоа сѐ повеќе при креирањето на политиките даваме значење на тој сегмент, мора да се користи вештачко ѓубре во оптимални количини. Во одредени подрачја или површини каде е слабо користено, излезе и со 56 хектолитри квалитетот на пченицата што е послабо и од јачменот. Имавме и со 73. Јасно е дека кој колку вложил, толку и добива. На исти површини за иста класа земја има и 2,5 – 3 тона, но и 6 – 7 тона по хектар печница, зависно од домаќинството колку вложило – рече Димковски.

Цветан Трупуновски, претседател на комисијата за земјодлество во ВМРО-ДПМНЕ смета дека државата, ако не сака наредното производство на пченица да биде под очекувањата треба итно да го повлече огласот за стокови резерви.

– Откако ќе го стои тоа треба да ги промени и условите. Да го намали хектолитарксиот квалитет, да стави услов дека треба да се откупи само домашна пченица и тоа да биде во повеќе лотови. Треба да се изврши и интервентен откуп за да се намалат количините кои ќе се складираат кај земјоделците поради можност од расипување на зрното – вели Трипуновски.

Трипуновски, како и земјоделците и земјоделските експерти, вели дека за да се добијат високи приноси и висок квалитет на зрното на пченицата мора да се работи на нови агротехнички методи за да се приспособи пченицата на променетите климатски услови и да се создаваат нови сорти пченица кои ќе бидат поотпорни на овие промени.

– Тоа е работа на Министерството за земјоделство кое треба стратешки да планира како ќе се справи со климатските промени во секторот. Оваа стратегија треба да се води заедно со научните институции кои ќе работат на подобрени сорти на пченица кои ќе дадат квалитет и во вака променети услови за одгледување на оваа култура која е стратешка за земјава. Треба да се внимава да не се дестимулираат земјоделците кои годинава имаат загуба од 50 отсто, да продолжат да сеат пченица – додава Трипуновски.

Во Хрватска, на пример, заврши двегодишно истражување со кое се докажа дека со фолијарната прихрана на пченицата со уреа се добиваат повисоки приноси и нема поголеми оштетувања на растенијата. Се добива и подобар хемиски состав на зрната, првенствено во протеини.

Истражувањето кое го спроведе Факултетот за агробиотехнички науки во Осиек покажа дека се постигаат одлични резултати, ако двапати поголеми количини од растворената уреа се примени во два наврата – некаде од средината до крајот на цветањето и седум до десет дена подоцна.

Истражувањето докажало дека со поголем процент на уреа нема поголеми оштетувања на посевите, а просечните приноси се движеле од околу 7 до 8 тони по хектар.https://plusinfo.mk/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close