Колапс на домашното производство на свинско месо
Колапс на домашното производство на свинско месо. Осум кланици веќе ставија клуч на врата. Се мачат да најдат суровина за обработка и најчесто ја увезуваат за што плаќаат увозни давачки. Затоа бараат укинување на овие царини за смрзнато месо. Истовремено се соочуваат со нелојална конкуренција од надвор бидејќи странските фирми можат слободно да внесат готов производ во земјава со нула отсто царина
Од кланиците велат дека има доволно простор и за домашно производство и за увоз, но бараат рамноправен третман од државата. Моментално велат, само 40% од Македонците конзумираат месо произведено во државава.
Од Владата најавуваат дека ќе организираат повеќе средби со производителите и дека до септември ќе одлучат за воведување мерки за помош како на одгледувачите на свињи, така и на кланиците. Најавија и финансиска помош од Светска Банка за отворање на нови погони, свињарски фарми, како и извозно ориентирани кланици.
Додека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство изброило 203 илјади свињи што се одгледуваат во земјава, од кланиците велат дека само 20 илјади завршуваат кај нив. Остатокот најверојатно отпаѓа на домаќинствата кои ги чуваат во домашни услови. Иако производството на свежо свинско месо се зголемило од 8.290 во 2009-та на 13 илјади тони минатата година, кланиците работат само со 28% искористеност на капацитетите, а годишно се трошат 120 милиони евра за увоз на месо.