Ѓубрењето на зелката треба да го направите врз основа на агрохемиските анализи на земјиштето. Најголемите потреби на младите растенија после расадувањето се за азот, а во фаза на формирање на главиците изразени се потребите за фосфор, додека потребите за калиум најголеми се во фаза на раст на главицата. Најголемите приноси се добиваат со комбинација на минерални и органски ѓубрива. Зелките најдобро успеваат на неутрално и слабо кисело земјиште со pH 5,5 – 6,5.
Основното ѓубрење се изведува наесен, а заорувањето со ѓубриво 20/40 т/ха и минерално ѓубриво со NPK формула 8:16:24 во количина од 400 -500 кг/ха. Во поново време, се повеќе се користат гранулирани ѓубрива кои имаат слична содржина на азот и фосфор, а изразен калиум и кои се оплеменети со микро елементи.
Доволни се две прихранувања
До расадувањето треба да внесете 1/3 или 2/3 P и К. Остатокот се додава во две прихранувања, првото се изведува две до три недели после расадот и тоа за време на меѓуредната обработка и тогаш се додава 1/3 азот, а другата прихрана се изведува во фазата на формирање на лисните рози, со 1/3 азот, фосфор и калиум.
Поради честите наводнувања доаѓа и до испирање на елементите од површинскиот во длабоките слоеви, така што со оглед на плиткиот коренов систем, неопходно е да се изврши и едно до две прихранувања со азотни минерални ѓубрива, со 200 кг/ха КАН или 100 кг уреа.
Азотот ја продолжува вегетацијата
Имајте предвид, дека прихраната со големи количини азотни ѓубрива, во доцните фази, ја продолжува вегетацијата, а често предизвикува и пукање на главиците. Кај нас, во пракса се изведува една прихрана со ½ азот и 1/3 фосфор и калиум од вкупната количина, на 20 – 30 дена од расадувањето, кога почнува најинтензивниот раст на розетите. Доколку, производителите немаат распрскувачи, прихранувањето го вршат непосредно пред заливањето. За време на заштитата можеме да додаваме фолијарно амино киселини, во количина од 150 мл/100 л. Ако на одделни парцели се воочи недостаток на калциум, тогаш потребна е количина од 25 – 30 кг/ха.
Со правилна исхрана се скратува вегетацијата, што е значајно во производство на раната зелка. Двојната количина на азот во фазата на расад и до моментот на образување на главици и високата количина на фосфор во периодот на образување на главиците, го забрзуваат зреењето на зелката. Количината на потребните хранливи материи е во следниот однос: 200 – 300 N, 120 – 150 P2O5 i 250 – 350 K2O i 40 – 60 MgO.