Наводнувањето зависи од повеќе фактори: од типот на земјиштето, преку начинот на одгледување на растенијата до фазите во кои се наоѓаат растенијата.
Натпросечно високите температури во јуни од градинарот бараат редовно наводнување, доколку сака да има било каков род во својата градина. Професионалните производители на зеленчук, од искуство знаат како е најдобро да ја сочуваат влажноста на земјата. Но, оние на кои градинарството им е хоби, доколку немаат повозрасни лица на тоа да ги научат, или доколку немаат доволно искуство, честопати прават грешки токму кај наводнувањето, а тоа при вака високи температури може да биде кобно за растението.
Наводнувањето зависи од типот на земјиштето, така што глинената почва многу подолго ја задржува водата во споредба со песокливата земја. Токму поради тоа, најпрво потребно е да се одреди типот на почвата на која се засадени растенијата.
Одредете го типот на земјиштето, а потоа подобрете го!
За да одредите на кој тип припаѓа земјиштето потребно е да следите неколку едноставни чекори, а врз основа на добиените резултати истото може да се подобри со неколку соодветни постапки. Составот на земјиштето е тој кој влијае на приносот од нивата, градината или овоштарникот. Ако во земјата има вишок на песок, вода и хранливи материи, растенијата брзо ќе се исушат. Културите на ваква земја потребно е повеќе да се ѓубрат и наводнуваат. Од друга страна, глинената земја содржи голема количина на хранливи материи, но толку добро ја чуваат водата, така што можат да го „убијат“ растението кое расте. Истовремено и тешко се загрева. Идеална почва е иловицата, која добро ги задржува хранливите материи и потребната количина на влага истовремено овозможувајќи слободно движење (проток) на водата.
Типот на земјиштето можете да го одредите следејќи ги овие чекори:
- Наполнете тегла со земја до половина
- Додадете вода до врвот
- Затворете со капак и силно тресете ја неколку минути
- Оставете ја теглата најмалку два часа, така што би се диференцирале три слоја: тиња (кал), песок и глина. На дното ќе бидат најтешките делови, камења и песок, на средината честички на глина, а горниот слој ќе биде тиња.
За да добиете одговор, посвете внимание на бојата во теглата. Ако содржината е темна, земјиштето има високо ниво на органски материи и во пролет добро ќе се загрее. Ако бојата е светла, во прашање е мал процент на органски материи. Потоа, одредете во кој процент се наоѓа секој слој во теглата:
- 40% тиња, 20% глина и 40% песок – иловица
- 60% тиња, 30% глина и 10% песок – калливо –глинено земјиште
- 65% тиња, 15% глина и 20% песок – калливо земјиште
- 20% тиња, 15% глина и 65% песок – песокливо земјиште
За да ја подобрите плодноста на песокливото земјиште изорајте во длабочина од околу 13 сантиметри и нанесете компост. Насеете црвена детелина, зоб, рж, соја или просо. Малчирајте со слама, сено, кора од дрвја или нивна мешавина. Глиненото земјиште ќе го подобрите со додавање на органски материи во текот на есента во ораниот слој до 10 см, кои ќе делуваат до пролетта. Копањето и орањето, во овој случај сведете го на минимум и садете грав, луцерка, хељда и зимска пченица. Кај калливото земјиште, потребно е во текот на годината да внесете од два до пет сантиметри органски материи, кои можете да ги внесете во текот на орањето или да ги нанесете на површината на земјата (особено ако тињестата содржина е висока). Избегнувајте компресирање на земјиштето, кое може да се случи дури и додека шетате по ораницата или градината. Во текот на раната пролет и во есента, после жетвата или бербата, поставете 15 см прекривка (малч) од кора од дрва, борови игли и слама.
Со ваквите методи и практики се намалува потребата на растенијата од наводнување, а истовремено се добиваат многу подобри резултати.
Редовно обработувајте ја земјата!
Особено е важно редовно да ја обработувате земјата во градината. Со честото копање со мотика, ќе ја отстраните површинската кора на земјата, со што ќе и овозможите полесно прифаќање на влагата од воздухот. Прекопувањето, најдобро е да се врши во доцните попладневни часови, особено во вечерните часови, со што се овозможува земјата да ја прими росата во текот на ноќта. Немојте да копате наутро, затоа што во тој случај, во текот на денот, земјата ќе ја изгуби влажноста.
Исто така, копањето би требало да се направи и после три дена откако ќе падне добар дожд, кога можете да го посипете зеленчукот со земја (да се нагрли), што е особено значајно за доматите, пиперките, мешунките, грашокот, тиквите, компирите, модриот патлиџан и морковите. Со копањето, го спречувате и плевелот кој заедно со зеленчукот се бори за вода и хранливи материи од земјата.
Не престанувајте да ја копате градината во летниот период, затоа што тоа е најтоплиот период во годината. Освен тоа, есенскиот дожд доаѓа брзо и често, а ископаната земја многу лесно ќе ги прими врнежите, во споредба со онаа која е цврста и неископана.
Малчирањето ја задржува влажноста
Малчирањето (прекривањето на почвата), исто така, е одлична постапка за задржување на влажноста на почвата. Но, немојте да го практикувате многу рано. Напролет, кога има доволно врнежи, не е потребно да се врши малчирање. Површината се малчира во жешките денови во доцна пролет, како и во летните денови. Пред да се изврши малчирањето, потребно е да се изврши добра вентилација на земјата со копање.
Градините во кои е извршено малчирање се здрави, отпорни на суша и ерозија, намален е растот на плевелите, а исто така се намалува и бројот на некои штетници.
Кои материјали да се искористат за малчирање
Постојат два основни видови на малч и тоа: органски и неоргански. Органскиот малч или прекривката од органски материи ги вклучува некогашните живи материи, како што се лисја, слама, искосена трева, компост, парчиња дрва, иситнета кора, пилевина, борови игли, па дури и хартија. Неорганскиот малч се однесува на ситни камчиња, камења, фолија во боја и геотекстил. И двата видови на прекривки, го спречуваат растењето на плевелот и ја задржуваат влажноста на земјата, но само органскиот малч, истовремено, додека се разградува и го подобрува земјиштето. Неорганскиот малч, не се разградува и не го збогатува земјиштето, но под одредени услови е добар избор. Фолијата во боја ја впива топлината и ја задржува во текот на ноќта, што особено му одговара на доматите и модриот патлиџан.
Постојат две правила при употребата на органскиот малч. Првото се однесува на тоа дека истиот треба да се користи на земја на која плевелот е веќе отстранет, а второ потребно е да се постави во доволно дебел слој, како би се спречил раст на нов плевел. Идеален слој е од 10 до 15 сантиметри, но и 5 до 8 сантиметри малч може да биде доволен особено во места кои се повеќе во сенка, каде што плевелот не се шири толку брзо како во сончевите предели. Доколку знаете дека градината е полна со семе на плевели, употребете техника на дупло малчирање, така што околу зеленчукот прво ќе поставите весници, а веднаш потоа и органски малч.
Иако, органскиот малч го спречува растот на плевелот, а земјиштето го одржува ладно и влажно во текот на летото, се распаѓа постепено и ослободува хранливи материи во земјата, притоа спречувајќи замрзнување и нагло одмрзнување, сепак не е совршен и има свои недостатоци.
Кога се користи малч во вид на парчиња дрва или пилевина, треба да се има напамет, дека оваа прекривка е сиромашна со азот, така што пред да го поставите околу растението, потребно е да се изврши ѓубрење со ѓубриво богато со азот. Исто така, влажниот органски малч, кој е потпрен на стеблата на растенијата може да предизвика гниење и појава на габи, поради што не треба да се потпира премногу на стеблата. Влажниот малч може да привлече и глодари кои ќе се вгнездат во него, поради што мора редовно да се проверува. При чести врнежи пак, во прекривката може да се скријат и полжави, поради што малчот треба да се отстрани и пред враќање да се исуши. Малчот од лисја е добар избор, но мора да се внимава на лисјата од орев и даб кои содржат отровни супстанции или пак други дебели лисја кои тешко се разградуваат. Ваквите лисја треба да се иситнат и да се измешаат со друг органски малч.
Од неорганскиот малч, геотекстилот и пластичната фолија можат да направат чуда во градината. Црната фолија, ќе ја пренесе топлината на земјата, создавајќи микроклима за околу три степени потопла од надворешната температура. Ваквиот малч е особено добар за јагодите, дињите, лубениците, краставиците и тиквичките.
Сепак, треба да се знае дека пластичниот малч не е еколошко решение и се јавува проблем при неговото депонирање и разградување. Затоа, доколку се користи потребно е да се отстрани од почвата на крајот на вегетациската сезона, да се исуши и складира на суво место во текот на зимата, како би можел да се користи со години.
Геотекстилот, исто така е ефикасен како и црната фолија, но и тука постои проблемот на неговото отстранување. Со текот на времето пропаѓа, така што на него мора да се стави дополнителен слој на малч. Освен тоа, плевелот кој расте под него, се фаќа за нишки, поради што е тешко да се отстрани.
Кај краставицата, лубеницата, тиквичките и дињите, односно зеленчукот кој има лоза, малчирањето потребно е да се изврши пред лозата да почне да се шири, затоа што ако се малчира подоцна, ќе мора лозата да се подигнува од почвата, што би можело да го оштети растението. Кај плодовиот зеленчук, како што се доматите и пиперките, потребно е да почекате да паднат првите цветови и да се појави плод, а потоа да се изврши малчирање.
Важни се времето и температурата на водата
Првото правило е растението да се полее при самиот корен, никако по листот. Исклучок од ова правило е листестиот зеленчук, како што се блитвата и салатките кои можете да ги попрскате по лисјата.
Многу е важно и времето кога се врши наводнувањето.
Зеленчукот се наводнува или рано наутро, кога водата може да биде и поладна или доцна навечер, кога би требало да биде отстоена. Некогаш може да се случи, изгледот на растението во текот на денот да ве излаже, да изгледа свенато или намалено, но тоа е сосема нормална појава за време на високите температури, во текот на кои растението се прилагодува на временските услови. Растенијата, проверувајте ги наутро и навечер, ако повеќе не изгледаат свенато, тогаш не ги наводнувајте.
Со неправилно полевање го шокирате зеленчукот
Не ги разгалувајте растенијата. Ако премногу често ги наводнувате, тие се навикнуваат на тоа и нивниот корен не се развива во длабочина, туку површински. Растенијата се неверојатно прилагодливи и имаат способност да ја извлекуваат водата од длабоките слоеви на земјата. Од време – навреме земете мотика и ископајте во зоната каде што коренот на растението е најактивен. Ако земјата е влажна, растението нема потреба од вода.
Кога садите и сеете во дупки, секако прелијте со вода. Исто така, верувале или не, добро е растенијата да се наводнат после дожд, особено ако се работи за слаб дожд. Со почесто, лесно навлажување, особено ако користите прскалка, ќе направите само површинско хидрирање на земјата, а таа вода брзо ќе испари. Користете канта за вадење без додаток и наводнувајте веднаш на стеблото, но внимавајте да не ги навлажнувате лисјата, особено ако наводнувате наутро.
Кај пиперките, доматите, мешунките, водата во поголема количина можете да ја излеете во каналите (браздите), помеѓу редовите.
Не претерувајте со плевење!
Иако, многумина препорачуваат редовно плевење, искуството покажува дека не треба да се отстрани целиот плевел од редовите. Колку што плевелот ја одзема влагата, толку и околу својот корен и ја задржува влажноста, така што претставува покрив на земјата која ја штити, а останатите растенија од сушата. Пиперката, особено покрај себе го сака плевелот, се разбира не толку голем за да ја изеде.
Освен тоа, запрашајте се: Што во природата расте само, со гола земја околу себе?