Корупцијата во Платежната агенција ќе ги избрка и тие што останаа во земјоделството
Доколку биде укината европската помош од 96 милиони евра тоа ќе биде сериозен удар за македонското земјоделство од кој тешко ќе се опорави
БИТОЛА – Големиот корупциски скандал што го тресе македонското земјоделство, во кој директно е инволвиран првиот човек на Платежната агенција во државата, серизоно ја загрозува европската претпристапна помош за македонските земјоделци од 96 милиони евра, или со заедничкиот придонес од македонска страна тоа се вкупно 128 милиони евра, пари кои се или требаше да бидат директна помош за македонското земјоделие.
Последниот случај со корупцијата во највисоките ешалони на нашето земјоделие всушност ја отвора дилемата кај земјоделците што значи да се суспендира ИПАРД програмата од мерката 3 и прашањата: Дали тоа значи стопирање на исплатата на веќе реализираните проекти, дали тоа значи дека нема нови повици за земјоделците, нема нови договори?
За споредба – само пред две години Македонија беше лидер во искористеноста на програмата ИПАРД 2 програмата, како држава не вративме ниту едно евро назад во европскиот буџет, како што тоа беше во 2007 и 2015 година, кога 55 милиони евра не беа искористени за модернизација во земјоделството.
Она што важно за земјоделците е дека средствата од ИПАРД од ЕУ се неповратни и заложбите на сите власти досега беа да се искористат тие пари колку што може повеќе. Најголема заинтересираноста имаше во делот на инвестиции во модернизација на земјоделска механизација, реконструкција и ревитализација на повеќегодишни насади, иригациски системи, градба и опремување на преработувачки капацитети за овошје, зеленчук, месо и млеко, како и инвестиции во руралниот туризам и развој на микро бизниси во рурални средини. Од ИПАРД се финансираат системи за наводнување, градби, механизација.
Еден од позитивните примери од ИПАРД-от е одобрен проект од 136,3 милиони денари за инвестиција во откупно–преработувачки центар во скопски Петровец за изградба на погон за преработка на земјоделски производи.
Сега целата оваа позитивна слика се урива со актуелниот случај за поткуп во кој како второосомничен е директорот на Агенцијата за финансиска поддршка и рурарален развој Илија Стоилев и неколкумина службеници во Министерството за земјоделство и УЈП, а како првоосомничен е тој што давал потткуп.
Според соопштението на Обвинителството за да земе европски пари, лицето што понудило поткуп ветило 50 илјади евра, а директорот на Платежната агенција Стоилев потпишал договор за користење на финансиски средства со правното лице и притоа примил дел од паричните средства во износ од 400 евра кои при претрес се пронајдени и одземени. По ова за сите осомничени е определена мерка притвор.
Поранешниот министер за земјоделие Љупчо Николовски обвини дека во ризик се ставени 128 милиони евра од целата седумгодишна програма.
„Значи дека нема повеќе нови повици, најавите за новите повици не можат да се отворат, нема нови договори коишто ќе бидат склучени, но исто така и нема исплати за проектите коишто тековно се финансираат. Илјадници земјоделци и агробизнисмени кои ги имаат планирано своите инвестиции на основа на овие средства или веќе реализираат инвестиции, сега се соочуваат со неизвесност, ризик и страв да не ги изгубат овие вложувања“, предупреди Николовски.
Ексминистерот вели дека: „Година и пол алармиравме дека ИПАРД-3 програмата е предмет на злоупотреби. Повеќе пати го дискутирав тоа и во македонското собрание. Изнудувањето на пари, чувањето на предмети во фиоки и на биро, неажурноста, заминувањето на голем број професионалци и партиските унапредувања, на што реагираше Брисел, беа сè поизразени“.
До заминувањето на СДСМ од власта исплатени беа 48 милиони евра од програмата ИПАРД 2. Кога лани во јуни дојде новата влада уште немаше исплати од ИПАРД 3. Засега нема информации за исплати во рамките на ИПАРД 3.
Според она што го дознаваме, исплатите на европската помош во земјоделството се замрзнати додека трае истрагата, но самата програма не е.
Министерот за земјоделие Цветан Трипуновски се огради од случајот поврзан со Платежната агенција и кажа дека нема да понесе морална одговорност. Според него „Агенцијата е посебна институција, која што има посебен менаџмент, посебно управувачко тело кое што работи согласно нивниот план и активности така што не гледам никаква поврзаност. Апелирам овој случај треба да се истражи до крај и доколку има одговорност да се делува согласно законот и процедурата“, изјави Трипуновски и додава дека апсењето на Стоилев е показател дека законите треба да важат подеднакво за сите независно дали некој е актуелен и поранешен функционер, а Владата покажала неселективност во борбата против корупцијата.
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (Платежната агенција), која управува со европските фондови за рурален развој, формално е самостојно правно лице, но е основана од Владата по предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ). Според Законот за организација и работа на органите на државната управа и Законот за земјоделство и рурален развој, Министерството има стратешки и административен надзор над работењето на Агенцијата, со обврска да обезбеди правилно спроведување на државните и европските политики во земјоделството.
„Иако Министерството нема директно влијание врз оперативните одлуки за одобрување или исплата на ИПАРД средства – заради европските правила за независност на платните агенции – министерот за земјоделство сепак носи дел од политичката и институционалната одговорност за надзорот врз нејзиното работење“, вели Игор Мирчески, добар познавач на состојбите во земјоделието, поранешен координатор на новите тутунски здруженија.
Мирчески додава: „Министерот има овластување да бара редовни извештаи, да иницира надзор, инспекциски контроли преку Државниот земјоделски инспекторат и да предлага мерки за корекциа кога ќе се утврдат неправилности. Според експертите, ваквите случаи можат да имаат сериозни последици по земјата. Доколку Европската комисија преку своите тела (DG AGRI и OLAF) утврди системска корупција или слабости во контролниот систем, може да ја суспендира или повлече акредитацијата на Агенцијата и привремено да го замрзне финансирањето на нови ИПАРД проекти. Тоа би значело ризик државата да ги изгуби дел од грантовите или да мора да врати веќе исплатени средства.“
Укинувањето на средствата од ИПАРД 3 програмата може значително да влијае и на онака тешката состојбата во македонскиот аграр. Фактот е дека се помалку млади се заинтересирани да се занимаваат со земјоделие, да одгледуваат стока.
Иако напуштањето на младите на сектор земјоделство е појава со која се соочуваат и европските земји, сепак искуството говори дека привлечноста на младите земјоделци и сточари да влезат во нивите или бачилата и фармите е токму сигурната финансиска поддршка што имаа можност да ја добијат од европските претпристапни фондови.



