Вести
Костадиновски: Штетите поради студот во земјоделството ќе се знаат напролет
Засега снегот благопријатно делува врз житните култури, а најголем дел од овошките не се оштетени поради премрзнување. Повеќе информации за тоа како снегот и студот влијаеле врз полјоделските култури се очекуваат напролет. Од министерството велат дека постојано се во контакт со земјоделските здруженија, но дека поголеми проблеми немало. Поголема опасност има кога снегот ќе почне да се топи, но за таа да се спречи неопходно е редовно чистење на каналите.
Освен чистење на каналите, ќе се вложат 8 и пол милиони евра за рехабилитација на каналската мрежа – велат од министерството за земјоделство. До 2020-та, ќе се потрошат 140 милиони евра за инвестиции во земјоделството. За три вложувања во вредност од 90 милиони евра веќе се завршени постапките и треба да почнат да се реализираат годинава. Тие се однесуваат на изградба на браната Конско од која е планирано да се полни и Дојранското Езеро, изградба на браната Речани на Оризарска река, како и браната Равен-Речица во полошкиот регион.
Со реализација на Програмата 2015 – 2025 треба да се прошири хидросистемот „Брегалница“, изградба на брана на реката Слупчанска во Кумановско, спроведување на втората фаза од Јужновардарска долина за која се обезбедени 14 милиони евра, како и изградба на браната Баргала на Козјачка река и браната Отиња во Штипско.