Крадат ракија во Тиквешијата за да ја продадат во Скопје
Украдената ракија завршува на пазарот во Скопје каде литар се продава за 200 денари, а продажната цена во Кавадарци, Неготино и во велешкиот регион е 150 денари, вели Љупчо Аризанов од здружението “Агротиквешија”.
Стотици литри домашна ракија се украдени изминатиот период во повеќе различни градови низ Македонија за да се продава на црно во Скопје, каде цената е повисока. Лозарите во Тиквешијата кои од вишокот грозје прават домашна ракија живеат во страв дека ќе останат без произведените количини. Изминатите неколку месеци нивните подруми и викендици се мета на разбојници кои им ја крадат ракијата и им прават штета од илјадници евра.
“Со ништо не можеме да ги спречиме арамиите. Не помагаат ниту катанци, ниту дополнителни безбедносни брави на вратите. Разбојници влегуваат во подрумите и носат сè до последен литар. Чаршиските муабети се дека ракијата е единствената стока, која во моментот има загарантирана продажба на пазарот, па затоа е и многу примамлива за крадците”, вели Аризанов.
Според него, кражбите се најмасовни во Кавадарци, Неготино и во велешкиот крај каде литар домашна ракија се продава по 150 денари, а претпоставките се дека завршува на пазарите во Скопје каде цената за литар достигнува до 200 денари.
“За беспари, некој дебело заработува на маката на лозарите”, вели Аризанов.
Министерството за внатрешни работи потврдува дека стотици литри домашна ракија се украдени изминатиот период во повеќе различни градови низ Македонија, но, вели дека не може да даде прецизни бројки и податоци, бидејќи не води посебна статистика за овој вид кражба, туку се вбројува во купчето со назнака “тешки кражби”.
Последната забележителна кражба на домашна ракија била на 24 јануари годинава кога од викендица во Велешко, од подрум биле однесени 350 литри ракија спакувана во туби, стаклени шишиња и буре. Кавадарчанец успеал да фати на дело сограѓанин што се обидувал од куќа во градот да украде две пластични канти, во кои имало дваесет литри домашна ракија. Една недела претходно, во полицијата во Кавадарци биле пријавени уште три кражби на ракија од подруми и викендички во Тиквешијата.