Кризата со почвата може да го погоди производството на храна
Светот се соочува со криза на почвата која може многу штетно да го погоди производството на храна, се дознава од ново алармантно истражување.
17-годишна студија за ефектот на глобалното затоплување врз микробите – мали бактерии, габи и други микроорганизми кои ја одредуваат здравствената состојба на почвата – покажува дека тие се далеку помалку приспособливи кон променливите услови отколку што се очекуваше. Тоа предизвикува загриженост дека микробите не ќе можат да ги извршуваат основните функции, како што е распаѓање на лисјата и други органски материи во процес што ги претвора во азот и други хранливи состојки, кои им се потребни на растенијата за да растат.
„Ако заедницата на микроби не е толку издржлива како што се претпоставува, тогаш се доведува во прашање отпорноста на целокупната средина кон климатските промени“, вели авторот на трудот Ванеса Бејли, од Националната лабораторија на Пацифичкиот северозапад во САД.
Често се вели дека „микробите го раководат светот“, бидејќи тие се толку бројни и стојат зад безброј екосистемски движења во почвата. Тие опфаќаат производство на хумус – темниот органски материјал во почвите – и обезбедуваат клучен систем за филтрирање на вода за дрвјата, во замена што се хранат со нивните шеќери.
Во истражувањето беше опфатено размена на примероци од почвата меѓу две локации на планинска падина во 1994 година – повисоката локација со потопла, посува клима од онаа на 500 метри подолу.
Седумнаесет години подоцна тие се вратија да ги проверат активностите на микробите, фокусирајќи се на нивната брзина на дишење – колку бргу го претвораат јаглеродот од почвата во јаглероден диоксид, додека ја распаѓаат органската материја – за да добијат поширока смисла за нивната способност да се приспособат на променливите услови. Но, тие утврдија многу мала промена.
Микробите што потекнувале од повисокото место природно дишеле со побрза стапка, бидејќи се навикнати на поголем степен на врнежи и вегетација, или јаглерод. Тие продолжиле да дишат со побрза стапка на пониска височина – дури и 17 години подоцна. А микробите земени од пониските делови на планината покажаа многу малку промени кога беа преместени нагоре, покажа истражувањето.
Резултатите од истражувањето покажуваат дека не може да се претпостави дека микробите – и почвата – ќе одговорат на климатските промени на начин на кој претпоставуваа многу научни модели, вели коавторот Бен Бонд Ламберти, микробиолог за почва од Заедничкиот истражувачки институт за глобални промени.
„Со климатските промени, сите микроби ќе доживеат нови и повеќе екстремни услови. Оваа студија ни дава увид како микробите би можеле да ги издржат таквите промени. Тие можат да бидат ограничени на изненадувачки начин“, вели д-р Бонд Ламберти.
„Ќе има наплив на невреме, подолготрајни суши, а некои места може да завршат со поумерена клима“, рече тој.