fbpx
Агро бизнисВестиЕкологијаМакедонијаТоп вести

Крушево се враќа на мапата на странските туристи

Светското првенство во змејарство во Крушево, се гради адреналински парк и зип лајн, а ќе се трасираат и нови вело патеки низ планината

Крушево полека, но сигурно, се враќа на мапата на странските туристи. Поради пандемијата неизвесно беше одржувањето на Светското првенство во змејарство, но конечно деновиве пристигна информаицјата од Светската воздухпловна федерација дека првенството ќе се одржи од 17 до 31 јули на кое се очекува да има над 100 натпреварувачи од скоро сите континенти на светот. Вкупно, заедно со нивните екипи и оние кои ќе дојдат да го проследат ова првенство се очекува да има над 1.000 гости за овој настан во Крушево. Оваа година ќе се продолжи и со натпреварите во параглајдинг, кои со години наназад во летниот период се носечката економска гранка за Крушево. Годинава ќе се одржат норвешкото првенство, украинското првенство и манифестацијата „Озон опен“.

„Остануваме посветени на развојот на овие спортови. Работиме и го променуваме Крушево. Во изминатиов период од три години ни се случија две светски првенства и едно европско првенство. Сега во тек се подготовките за светското првенство во змејарство. Големи настани се случуват во Крушево, а тоа значи поголема промоција, повеќе туристи и секако повеќе туристичка такса во општинската каса. До пред пандемијата имавме по 7 меѓународни натпревари годишно во параглајдинг, Крушево е помеѓу 5 топ светски дестинации за развој на овој спорт и се надеваме дека со завршувањето на оваа криза со пандемијата дека повторно ќе се вратиме на големиот број странски туристи. Овие содржини гледаме да ги прошириме, за да ги задржиме туристите што е можно повеќе во Крушево, затоа што ден повеќе останат во Крушево, значи и поголем развој на локалната економија“, истакна Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

Ова лето во Крушево цели 3 месеци ќе присуствува и тим на најголемиот производител на падобрани во светот Џин, кој ќе врши тестирање на своите производи таму, а компанијата исто така најавила и свои инвестиции во Крушево. Ова претставува афирмација плус на Крушево во светски рамки кога станува збор за овие адреналински спортови. За нивен поголем развој во моментов се гради и контролна кула на стартот за параглајдери кај Мечкин Камен, а се планира да се изградат и нови стартни рамнини. Во заеднички проект со Албанија вреден 700.000 евра ќе се уредува и паркинг просторот на Мечкин Камен.

„Постојано вложуваме во развојот на овие спортови и привлекување на што е можно повеќе туристи. На самото полетувалиште на Мечкин Камен поставивме двојно поголема трева. За безбедно одвивање на натпреварите се гради и контролна кула, таа ќе послужи и како просторија каде ќе може да се засолнат спортистите доколку дојде до влошување на временските услови додека се горе на полетувалиштето. Работиме и на изградба и на други стартови, кои ќе бидат изградени малку подалеку од главниот старт на Мечкин Камен поради нормално и безбедно одвивање на натпреварите. Се случија неколку несакани ситуациии во 2017 и 2018 година кога и починаа неколку параглајдеристи. Затоа сакаме сите натпревари во иднина да се одржуваат безбедно“, додаде Христоски.

Од Општина Крушево велат дека преку Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот веќе биле во преговори со одредени тур оператори за зголемување на бројот на туристи во Крушево. Сепак пандемијата се уште е актуелна, иако бројот на новозаразени скоро секаде е сведен на минимум, така што и оваа година ништо не може 100 процентно да се планира.

„Заедно со Швајцарска амбасада и хотел Панорама ние во наредниот период ќе трасираме уште 40 до 50 км. патеки за планински велосипедизам со што полека Крушево ќе станува и атрактивна вело дестинација. При крај е изработката и на адреналинскиот парк, зип лајнот, така што Крушево ќе живее преку сите 4 сезони во годината. Адреналинскиот парк е во самата борова шума, покрај ски терените, а во моментов се гради и обиколница, пристапен пат, до самите објекти таму, така што луѓето ќе можат да се паркираат со своите возила многу блиску до Станиќ. Продадовме и 7 локации кај ски терените, ќе се градат деловни објекти кои ќе бидат услужни содржини за тие кои ќе го посетуваат тоа место“, вели Христоски.

Христоски вели дека поради климатските промени се случува некои години да има многу малку снег, а со сите овие содржини ќе се овозможи Крушево да биде атрактивно преку целата година.

„За да се направат нови стази на Станиќ потребно е да се сечи шума, но тоа нема да го дозволам, ниту јас ниту граѓаните. Затоа имаме идеен проект за врвот Мусица, каде на 1.800 метри надморска височина е предвидено изградба на пат, ски лифтови, жичара, чекаме само некој стопанственик да пројави интерес за да сето тоа се изгради. За разлика од минатото сега до таму има инфраструктура. Патот е изграден до манастирот Свето Преображение, и од таму уште 2 км. треба да се доизгради до самиот врв за да можат да се изградат сиите овие содржини таму, тој центар ќе има огромен удел во развојот на туризмот“, рече Христоски.

Инаку околу вештачкото езеро во Крушево е предвидено да се гради и викенд зона која стана уште повеќе атрактивна кога се изгради пристапен пат до неа и до самото езеро. Општината до таму веќе спроведила електрична енергија, водовод, а останува уште да се доизгради канализационата мрежа. И изградбата на оваа викенд зона ќе придонесе за зголемување на атрактивноста на Крушево и привлекување на уште повеќе туристи.

 

Светскиот шампион во планински велосипедизам ќе гради вело патеки во Крушево, а градот го добива најголчемиот адреналински парк во Македонија

Освен како параглајдинг дестинација Крушево полека, но сигурно станува и атрактивна вело дестинација. Природните ресурси, шумите и планините нудат одлични можности за развој на планинскиот велосипедизам. За оваа цел во Крушево тим од Швајцарски експерти предводени од светскиот шампион во планински велосипедизам Ралф Неф, неделава се во Крушево со цел да направат анализа и план за градење на велосипедски патеки. Иницијативата за изготвување на  велосипедски патеки по меѓународни стандарди за планински велосипедизам е на Ски центарот Панорама со цел дополнување на постоечката туристичката понуда и промоција на активниот туризам во Крушево. Проектот се реализира со поддршка на Програмата за зголемување на пазарната вработливост на Швајцарската агенција за развој и соработка. Се очекува првите стази да бидат готови во август.

„Морам да напоменам дека јас имам патувано низ целиот свет и имам посетено многу вакви места кои се нудат како атрактивни за планински велосипедизам, и обично не сум толку воодушевен, но тука во Крушево видов дека условите се прекрасни, природата е прекрасна. Лукас вчера не можеше да заспие поради сите можности кои допрва треба да се реализираат. Многу сум задоволен и тоа што има голема заедница на велосипедисти кои се доста активни. Мислам дека веднаш треба да се започне со работа, барем со почетнички стази кои ќе бидат наменети за почетници или за семејства. Можностите се неограничени. Тука има секакви терени, рамни, стрмни, така што потребно е час поскоро да се започне со патеките, барем тука околу ресторанот, да има луѓе, посетители. Колку повеќе ќе има луѓе, толку повеќе самото тоа ќе си донесе да се градат нови патеки“, истакна Ралф Неф, светски шампион во планински велосипедизам.

За околу еден месец светскиот шампион во планински велосипедизам Ралф Неф во посета на Крушево, ќе се градат вело патеки, а Крушево добива и адреналински парк.

„Зип лајнот кој го изработува нашиот бугарски партнер е веќе во финална фаза. Се заврши поставувањето на детскиот парк, заврши и поставувањето на триите стази на адреналин паркот. Значи останува само уште да се доврши зип лајнот, а тоа го очекуваме до крајот на овој месец, по што повторно ќе ве повикаме тука свечено да го отвориме. Тоа што треба да се потенцира е што е битно за сите е дека бугарската компанија која го изработува адреналинскиот парк, ги поседува сите меѓународни сертификати за изработка на такви видови на паркови. И второ нема да оставиме само тие да ја потврдат безбедноста на паркот, туку словенечка компанија ќе дојде да го сертифицира и да даде на сигурноста кои ги има овој парк. Комплетно се посветуваме на максимална безбедност. Плус од ова имаме уште и троколки. За прв пат во Крушево во лето работи и жичарницата и ски лифтот, ски лифтот се користи за влечење на троколките кои ја користат стазата за спуштање до самиот ресторан. Работиме и на тоа да оформиме и други патеки за троколките и за велосипедите“, потенцираше Кочо Стојчески, сопственик на Панорама Хотел.

На промоцијата на овие нови содржини за Крушево присуствуваше и амбасадорката на Швајцарија.

„Јас сум тука да и посакам добредојде на швајцарската делегација составена од вело експерти. Крушево нуди одлични услови за развој на планинскиот велосипедизам. Ние досега го познававме Крушево како параглајдинг детсинација и Швајцарија го поддржуваше овој сектор, а сега планинскиот велосипедизам е новиот спорт кој е во подем насекаде во светот, особено во време на пандемијата“, истакна Сибил Зутер, амбасадорот на Швајцарија во Македонија.

Во Крушево на овој настан присуствуваа и голем број претставници на вело заедницата од цела Македонија.

Дарко Штаргоски за Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close