Кумановските земјоделци заинтересирани за користење на ИПАРД средствата
Во тек е повикот „Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства“ за кој заинтересираните можат да ги добијат потребните информации во Канцеларијата на Агенцијата, а крајниот рок за аплицирање е 14 април.
Голем е интересот на земјоделците од кумановскиот регион за добивање финансиска поддршка преку ИПАРД 2 програмата со која можат да ги модернизираат фармите, велат од Подрачната канцеларија на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.
Во тек е повикот „Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства“ за кој заинтересираните можат да ги добијат потребните информации во Канцеларијата на Агенцијата, а крајниот рок за аплицирање е 14 април.
-Со повикот се опфатени сточарското и растителното производство, преработката и маркетингот на земјоделски производи, набавка на овошни садници, садници на грозје, приклучна механизација. Само тракторите не се предмет на инвестиција. Ставката е потрошена, очекуваме од наредната година ако се спроведе и Ипард 3 Програмата. Ги повикувам сите да се обратат и да побараат помош околу собирањето документација, подготовка на барања, деловен план, совети, информации во врска со овој оглас и што и да се однесува за земјоделството. Тоа го правиме бесплатно за земјоделците, изјави раководителот на Подрачната канцеларија, Џабир Рамадани.
Апликантите треба да имаат комплетна документација и да пополнат и поднесат соодветно барање.
-Може да аплицираат и индивидуални земјоделци и земјоделски стопанства, регистирани правни и физички лица. Финансирањето почнува со 60 проценти конфинансирање од државата и ако земјоделецот е помлад од 40 години добива плус пет отсто. Ако стопанството е во планинските предели поддршката е 70 проценти. Новина е дека има 10 проценти плус за инвестиција во врска со манипулација со арско ѓубре, што има врска со зачувување на животната средина и исполнување на стандардите. Очекуваме да има доста апликации, рече Рамадани.
Од Агенцијата се надеваат дека искористувањето на ИПАРД 2 средствата ќе придонесе за квалитет и безбедност на храната, заштитата за животната средина, заштитата при работа, но и ќе се подобрат условите за живот во руралните средини и ќе го поттикнат развојот на руралната економија.
извор:Сител