fbpx
Вести

Квадрат плодна почва колку литар бензин

pocva

Еден од најпознатите светски писатели, Марк Твен во една пригода напишал „Купувајте земја, престанаа да ја прават“, алудирајќи на тоа дека станува збор за ограничен и вонвременски вреднуван ресурс, кој, во зависност од околностите и моментот, може да се искористи за производство на храна или да се продаде по одредена цена. Во период во кој во Македонија по теркот на повеќе земји во светот има повеќегодишна кампања за субвенционирано производство на прехранбени производи и на земјоделскиот сектор е се цели како на еден од најважните за македонската економија, со оглед на тоа што од него живеат стотици илјади македонски семејства, се поставува прашањето каква е состојбата со купувањето и продавањето земјиште во Македонија, пред сѐ кај таканареченото родно земјоделско земјиште, од кое парче има или некогаш имало речиси секое семејство во Македонија. Колку земјоделско земјиште има во Македонија воопшто, колку од него е обработливо и какви се цените за купопродажба на плодна почва?
Ова се само некои од прашањата на кои „Нова Македонија“ се обидува да даде одговор разговарајќи со експерти и познавачи на состојбите, за да се поттикне претприемачко размислување кај граѓаните, особено кај оние што располагаат со вакво земјиште.
Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, заклучно со крајот на 2015 година во Македонија имало 1,26 милион хектари земјоделско земјиште, од кои 40,5 отсто обработлива површина. Од друга страна, вкупниот број земјоделски стопанства во Република Македонија изнесува 178.125. Просечно, едно земјоделско стопанство користи 1,8 хектар земјоделско земјиште и има 2,1 добиточни единици. Вкупното користено земјоделско земјиште од страна на земјоделските стопанства изнесува 320.738 хектари, а од вкупниот број стопанства, 60,8% користат до еден хектар земјоделско земјиште.

Иако со агресивната изградба на стопански објекти, индустриски зони, автопатишта и друга инфраструктура низ котлините и плодните речни долини низ државава се намалува површината на земјоделското земјиште, за што придонесуваат и климатските промени, кои негативно влијаат на приносите и почвата ја прават непогодна за земјоделство, очигледно е дека во Македонија сѐ уште има големи површини земјоделско земјиште што никој не ги користи.

Додека во светот и регионот плодната почва сѐ повеќе се користи за одгледување култури што се користат за производство на биогориво, што, пак, полека придонесува за пораст на цените на храната и на самата земја, ваквите трендови не се пресликуваат кај нас и плодната почва нема статус на важен природен ресурс во Македонија. Доказ за ова се празните ниви на кои никој не работи и кои зафаќаат околу една третина од вкупното земјоделско земјиште во државава, како и ниската цена по која се нуди на продажба плодната почва.
Имено, цените по кои се продава земјоделско земјиште се движат од едно евро за квадрат, а многу често и пониско, до 25 евра за квадрат во плодни региони, каде што има и можност за наводнување. Меѓутоа, се чини дека ретко кој сака да инвестира во земјоделска парцела и во производство на храна.
– Според нашите анализи и статистики, можеме да заклучиме дека кога се работи за земјоделско земјиште не можеме да утврдиме просечна цена, ниту точни правила и критериуми за продажба, така што цените за земјиштето зависат од неколку фактори – во кој регион се наоѓа, дали е плодно земјиштето и каква е достапноста до вода и потребната инфраструктура. Врз основа на ова можеме само да заклучиме дека цените за продажба на земјоделското земјиште се повисоки во котлините и во околината на поголемите градови како Скопје, Битола, Струмица итн. Јасно е дека, освен неговата микро и макролокациска поставеност, како и инфраструктурното опкружување, цената ја одредува и неговата намена т.е катастарската класа што се утврдува според начинот и можностите за негово искористување – вели Игор Панчевски, сопственик на агенцијата за недвижности „Левел 7“.

Според него, различни се цените при купување земјиште пресметано во хектари во однос на помали парцели пресметани во квадратни метри.
– Впрочем, тоа е непишано правило во секој промет, па секако дека истото тоа се однесува и при продавањето и купувањето земјоделско земјиште. Исклучоци секако постојат, но сѐ зависи од атрактивноста и намената на земјиштето и, секако, од желбата и можностите на инвеститорот за купување одредена локација – вели Панчевски.

Негово лично мислење е дека вложувањето во недвижности е секогаш исплатлива и долгорочна инвестиција, па истото тоа се однесува и за земјоделското земјиште.
– Сметам дека најисплатливо е да се инвестира во земјоделско земјиште во реони каде што тоа се користи за наведената намена и дава одреден принос со негова обработка или за давање под закуп, но исто така сметам дека е исплатливо да се инвестира во земјоделско земјиште кое се наоѓа на периферните и приградските населби, особено во Скопје и неколку други поголеми градови, каде што процесот на урбанизација е во тек и каде што со пренамена на земјоделското земјиште во градежно се добива и неколкукратно поголема вредност за разлика од претходно – вели Панчевски.

Граѓаните имаа поделени мислења за тоа дали треба да се продава или купува земјоделско земјиште.
– Кај нас во Прилепско нивите што имаат пристап до вода, а во близината има пат и струја се продаваат по 2-3 илјади евра за декар. Иако мислам дека купувањето земја е добра инвестиција, сепак во овој период, кога владее некоја неизвесност и економска криза, ретко кој се одлучува да вложи пари во земја. Од друга страна, купувајќи земја човек може само да добие, со оглед на тоа што цената во иднина може само да расте – вели Борис Тошески од Прилеп.

Од друга страна, помладите граѓани велат дека во услови кога се празнат цели села и кога има очигледно иселување на младата популација, прашање е колку инвестирањето во земјоделско земјиште може да биде исплатливо.
– Народот сѐ повеќе се иселува од државава и иднината ја бара во странство. Цели домаќинства остануваат запустени, а имотите празни. Во ваква ситуација, каде што плус имате негативен прираст на населението, не знам дали е паметно да ги фрлите парите на земјиште во некое село каде што нема некој позначаен просперитет – вели Дарко М., студент од Скопје.

КАДЕ Е НАЈСКАПО, А КАДЕ НАЈЕВТИНО?
Анализите покажуваат дека земјоделското земјиште е најскапо онаму каде што може на него да се произведе производ со повисока вредност, како раноградинарски култури и овошје, и онаму каде што има термални води и многу хранливи состојки. Така, во јужна Македонија цените за квадрат земјоделско земјиште достигнуваат и до 35 евра. Спротивно на тоа, во ридестите краеви, каде што нема ниту наводнување ниту, пак, пристапен пат, земјиштето се нуди и за помалку од евро за квадрат. Таму всушност и нема побарувачка што би влијаела на цените за продажба. Можноста одредено земјоделско земјиште да се пренамени во градежно ја покачува цената онаму каде што е можно, па малку го крева просекот на вредноста, но генерално македонските ниви се нудат речиси по багателни цени иако голем дел од нив овозможува исплатлива инвестиција на подолг рок.
Тагови

Слични написи

Back to top button
Close