fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМлад земјоделецТоп вести

Петар Стојковски-Трудот на земјоделецот не е пресметан во цената на производот, се мачиме да ги покриеме трошоците

Нас не ни требаат субвенции, туку загарантирани минимални цени кои ќе ни ги покриваат сите трошоци на производство.

Петар Стојковски е 27 годишно момче од селото Давидово, гевгелиско, дипломиран економист, кој сериозно е посветен на земјоделието.

Засега не нашол работа според образованието, но вели дека она што го стекнал како знаење на факултетот го применува во производството на храна. Па напоменува дека „и земјоделието е поврзано со бизнисот, целата работа поврзана со производството на храна мора да се организира, да се испланира, зашто без испланирано производство нема резултати“, констатира младиот економист и потенцира дека младите од руралните средини сакаат да студираат, да завршат факултет со надеж за подобра иднина. Селото Давидово брои околу 350 жители и она што е за пофалба и се одвојува од другите села е што тука има многу млади земјоделци кои сериозно се посветени на производството на храна и не размислуваат да го остават аграрот.

-Од мало дете работам земјоделие. Нивите се наши и работам исто како и ангажираните работници, зашто нивата мора да се изора, да се посади, да се собере родот. Работиме и произведуваме зелка на 20 декари површина, кромид на 4 декари, исто и пиперка за ајвар, бостан на 8 декари земја. Оваа површина не може да ја обработува само едно семејство и затоа мора да ни помагаат и работници. Денот ми почнува во 4 часот наутро, особено во лето кога имаме работа и кога е потребно да се избегнат горештините, а работата има цел ден до вечерта, зашто во земјоделието нема работно време, вели Стојковски, кој екипата на „Зелена берза“ го затекна на нива каде со аргати садеа кромид.

Младиот Стојковски го дели мислењето со поискусните земјоделци дека најголемиот проблем на македонското земјоделие е неорганизираниот откуп и ниските откупни цени.

-Откупот и минималните цени се наш голем проблем. Кај нас овде нема загарантирани минимални цени под кои нема да паѓа откупот. Без тоа никогаш нема да успееме како производители. Државата тука мора да реагира. Нас не ни требаат субвенции, туку ни се потребни загарантирани минимални цени кои ќе ни ги покриваат сите трошоци на производство. Еве на пример за кромидот, минимум цената треба да биде 10 денари за килограм. А, лани килограм кромид го дадовме во еден период за 7 до 8 денари, а потоа и за 6 денари за килограм. Тоа беше под цена. Тука нема исплатливост, бидејќи нашиот труд, нашата работа никој не ја пресметува, а ние дома сме пет члена од семејството сите ангажирани во земјоделието. Единствено гледаме да ги покриеме трошоците, а тука нема рентабилно производство, вели Петар.

На целата оваа работа и ангажираност, Петар вели дека младите земјоделци од неговиот крај сепак наоѓаат време и за себе, да се дружат, да излезат во кафетерија и да се забавуваат. Но, сепак апелира државата да гради подобри политики во делот на земјоделието.

-Време за забава има, но мора да се организира денот, значи еден ден ќе работиш повеќе, за следниот да можеш да бидеш послободен. Затоа Владата мора да гради подобра политика за младите земјоделци за да не се откажуваат од земјата и да продолжат да се занимаваат со производство на храна. Едноставно да ги задржи на село. Ние вложивме во механизација, значи имаме планови, вели Петар.

Давидово е гевгелиско село во областа Бојмија и ја има една од најплодните почви во државата. Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 95 метри. Неговиот атар е голем и зафаќа површина од 25,2 км2. На него преовладуваат шумите, а на обработливото земјиште отпаѓаат 228,8 хектари. Селото има полјоделско-шумарска функција. Во минатото, во селото имало земјоделска задруга. Селото е средно по големина, без некои поголеми промени во населеноста. Во 1961 година селото броело 378 жители, а во 1994 само 14 жители помалку, со пописот во 2002 во Давидово живеат 373 жители, македонско население, сега мештаните ги чекаат резултатите од последниот попис.

 

Текст-Анета Блажевска

Фото-Ивона Кочов

 

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close