Да се произведе повеќе и поквалитетно е сон на секој земјоделец. А доколку тоа е заокружено со добар профит, задоволството е комплетно. Квалитетот е тој на што се темели современото земјоделско производство. Тој е еден од факторите за добар пласман на производите, посочуваат стручните лица. Земјоделците стануваат свесни за ова, а тоа го потврдува нивното искуство од случувањата на пазарот. Секој сака да купи квалитетен производ, а кога цената е добра тогаш задоволни се сите.
Веле Ристевски е земјоделец од с. Трновци. Своето земјоделско производство го организира на околу 30 ха земјоделска површина. Најмногу ги има житариците на површиона од 20 хектари. Одгледува копмпири на 6 ха, 1 ха тутун и на 2 ха одгледува пипер.
Како и останатите земјоделци се соочува со исти или слични проблеми, но како што вели се обидува да ги решава во од. И покрај тоа што на нива има секогаш работа, одвои од неговот време за разговор со екипата на Зелена берза.
Она што на самиот почеток го привлече нашето внимание беа компирите. На своите површини ги има сортите „Аризона“, „Марабел“ и „Каптива“. Род кој оваа година достигнал рекордна големина. Конкретно од сортата „Аризона“ има компири кои изгледаат како векна леб и имаат тежина од 1,6 – 1,8 кг.
„Не го очекував ова. Презадоволен сум од оваа сезона. Годинава имаше дождови кои направија и неработникот да произведе, изјави за Зелена берза Веле Ристевски. Од компирот очекувам во просек 4-4,5 т. Обично за компирите е потребно наводнување, најмалку 6-7 пати. Оваа сезона ги наводнував само еднаш. Во други услови толкав принос не може да се добие само со едно наводнување, објаснува Ристевски. Засега ја имам извадено само „Аризоната“, останатите сорти може да почекаат, временските услови го овозможуваат тоа“, додава тој.
За пласманот вели дека не се грижи. Пласман има. „ Треба да се шета по пазари и квалитет да нудиш. Најмногу е баран компирот со средна големина, но големиот пак дава тонажа. Но ако се нуди квалитет нема проблем. Ние сами си ги бркаме купувачите. Во квалитетното се протнува и послаб квалитет. Е, на запад такво нешто не е можно. Квалитетот го продава производот. Цената ја формира пазарот, на големо компирите се продаваат од 10-15 ден за кг. За одбран производ нема застој“ вели Ристевски.
И не само за компирите, Веле се обидува да произведе што е можно поквалитетено, за да може да биде поплатено. Така е и со тутунот. Тој го смета тутунот за приоритетна култура бидејќи кога ќе се направи споредба на сегашните цени со оние од минатото, единствено кај оваа култура цената е 100% зголемена. Првата рака која има најлош квалитет им ја дал на луѓето околу него што немаат тутун, а тој за себе почнал од втора рака. Очекува да постигне добар квалитет и секако добра цена.
За пченицата вели дека „родот е добар, но цената е за никаде, 8 ден/кг е многу малку“.
Како и останатите земјоделци и Веле се соочува со недостиг од работна рака. Во земјодлеското производство вклучени се сите членови од семејството и располага со секаква механизација, но сепак го загрижува фактот што секоја година има се’ помалку и помалку аргати. Загрижен е и за тоа што младите се повеќе си заминуваат и вели : „дури ми се децата овде можам се’ да работам, ама ако заминат се’ ќе сведам на минимум, што ќе ми е да произведувам?“ Ги разбира младите затоа што и сам на помлади години бил во странство и знае каков е животот таму. Тогашните законски норми не му дозволиле да остане и се вратил на домашно тло. Работи многу и заработува и ќе продолжи така додека има услови за тоа.
Павлина Јовановска
Зелена берза