Лазарополе
Лазарополци се прочуени како „луѓе без перде на устата“ кога е во прашање вистината и „Мијаци без гајлиња“ – секогаш насмеани, подготвени за шеги, песна и оро, но исто така подготвени и „физички да се пресметаат“ со оној што ќе се обиде да излезе пред нив кога е во прашање водење на „Тешкото“.
На 1.350 метри надморска височина, на работ од една висорамнина на Бистра, лежи второто по големина малореканско мијачко село и едно од највисоките селски населби во Македонија. Големата височина не му дозволува да има никакво земјоделско производство. Но, затоа има богата и долга историја од втората половина на 15 век.
Во близина на селото се наоѓа пештерата Калина дупка. Легендата раскажува дека по некоја локална војна се враќале турските „азбии“ кон своите домови и притоа правеле пустош по населените места на Бистра.
Главатарот на селото и селаните имале изградено тактика, ќе се скриеле во пештерата додека не помине најлошото. Но, Калина мома, мислејќи дека сите војници одминале без да ги забележат oд радост запеала песна… сите Турци поминае, Калина мома не ја видое… Eден од војниците, кој бил ранет и тешко се движел, заостанувајќи зад четата, ја чул Калина како пее и пуштил абер на војниците, кои се вратиле назад и пред влезот на пештерата запалиле голем оган. Чадот од тазе покосеното сено ги задушил селаните и само еден селанец по име Лазар успеал да излезе. Тој го заселил новото село наречено по негово име Лазарополе.
Поимот Лазор на старословенски значи голем простор, оголен и истребен од шуми. А таков е и целиот терен, сета околина на селото. Значи, од
Лазор – Лазорополе, како што и го викаат постарите мештани.
Лазарополе било сточарско, но и дервенџиско село. Дервенџиите биле вид на локална војска, составена од локални вооружени селани ополномоштени директно од султанот со цел да обезбедуваат значајни патишта (најчесто, тешкопроодни клисури помеѓу два града) и да го штитат населението од насилствата на редовната турска војска.
Лазарополци биле задолжени со задача да го чуваат блискиот премин на патот што водел од Дебар преку Кичево за Прилеп. Дервенџиите, откако ќе го провереле теренот дека е чист и дека нема арамиски банди, со звучни сигнали им јавувале на патниците во анот на сретсело дека патот е прооден. За време на „проодноста на патот“ лазарополските дервенџии гарантирале со своите глави.
Најстарата и првоизградена црква од 1841 година во мијачките села е во Лазарополе, чијшто ктитор е Ѓурчин Кокалески – автор на првата македонска автобиографија со световна содржина.
Првиот мајстор повикан да ја ослика црквата бил Михаил, но бидејќи се загледувал по убавите млади лазарополки, набрзо бил испратен од селаните. Така, неговиот помошник Дичо го продолжил осликувањето. Тоа претставувало и „дипломска работа“ на тогаш непознатиот Дичо Димитрие Крстевич – еден од најголемите македонски зографи.
Клучен начин за егзистенција, покрај сточарството, било и печалбарството. Зборот печал или пекал е старословенски збор што значи мака, страдање. Често кај Мијаците може да се чуе изразот „види го каков е допекал“ (за слаб човек кој тешко дише и бавно се движи). Зборот печалбар во поново време се менува со гурбетчија, што е со исто значење. Инаку, зборот е од турско потекло, а лазарополци ги викаат и туѓоземјани.
Овде, отсекогаш особена почит уживале творците – дали на убавиот збор искажан во песна или во фреска, дали на резба или на везен ракав.
Дојдете во Лазарополе во мај кога милиони нарциси цветаат по околните полиња… и ако од далечината ве здогледаат лазарополските шарпланинци, не плашете се – патниците со добра волја се пречекуваат со весело мавтање на опашката…