Летната жетва ќе биде добра, но за есенската сеидба ќе требаат повеќе пари
Првиот човек на Асоцијацијата Петар Стојкоски вели дека интервентниот план на владата за доделување на земјиште за производство на стратешки култури со цел да се зголеми домашното производство на храна е добра мерка, но дека за есенската сеидба на жито ќе бидат потребни повисоки субвенции.
Иако очекувањата за годинешниот род на жито се позитивни, сепак од Асоцијацијата на земјоделци бараат забрана за извоз на житни култури за најмалку три месеци. Надлежните власти пак продолжуваат со јавните повици за доделување на државно земјоделско земјиште под закуп
Годинашниот род на житни култури ќе биде добар, но недоволен за да се обезбедат доволни резерви на храна за подолг период, велат од Асоцијацијата на земјоделци и апелираат до Владата да го забрани извозот на сите житни култури во следните три месеци додека не се направат залихи. Првиот човек на Асоцијацијата Петар Стојкоски вели дека интервентниот план на владата за доделување на земјиште за производство на стратешки култури со цел да се зголеми домашното производство на храна е добра мерка, но дека за есенската сеидба на жито ќе бидат потребни повисоки субвенции.
„Ние се надеваме дека ќе имаме добар род, но треба да се донесе итно забрана за сите зрнести производи барем за три месеци. Ако ситуацијата е поволна, ќе видиме дали да се продолжи со мерката. Доколку се појави вишок, а владата донесе одлука за забрана за извоз, апелирам до фармерите и трговците, да не мислат дека може да не уценуваат со откупната цена. Многу е важно производите да ни останат дома, отколку се да продадеме за некој денар повеќе на друга држава и утре да се најдеме во ситуација друга држава да не ни даде јачмен или пченица поради светската криза“, вели Стојкоски.
По руско-украинската криза и недостигот на жито и вештачки ѓубрива, Владата донесе интервентен план со кој сета слободна површина им се даде за обработка на земјоделците. Владата пред неколку дена донесе одлука со која се распишуваат уште два нови јавни огласи за доделување на државно земјоделско земјиште над 3 хектари. Вкупно, на двата јавни огласи, на располагање се ставаат 3.769 хектари државно земјоделско земјиште. Намената на земјиштето кое се дава под закуп за првиот јавен оглас е одгледување на земјоделски култури за производство на сточна храна (житни, фуражни и индустриски култури) за период до 15 години. Вториот јавен оглас за давање под закуп на земјоделско земјиште над 3 хектари е со предвидена намена за подигнување на долгогодишни насади(лозја, овоштарници, хмељ) и оранжерии за период до 30 години.
Од Министерството за земјоделство информираат дека голем и досега рекорден интерес, со 235 апликации, кај земјоделците предизвикал и јавниот оглас кој беше распишан во март месец каде на располагање беа ставени дополнителни 5.722 хекатри земјоделско земјиште до 3 хектари за обработка на житни култури распоредени во 14 региони низ државата.https://www.slobodnaevropa.mk/a/