Локализиран пожарот во потпелистерието

(Oвој напис е објавен на: March 26, 2019)

Пожарот кој  зафати делови од атарот на селото Ротино е локализиран. Со масовна интервенција на терен од страна на екипи на територијалната противпожарна единица, потпомогнати со едно противпожарно возило од Општина Ресен и од РЕК Битола, со механизација и возила од јавните претпријатија, со помош на вработените во Националниот парк Пелистер и локалното население, како и со претставници на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи, не се дозволи негово проширување кон моликовата шума.

Градоначалничката Наташа Петровска, по одржаниот состанок со Кризниот штаб, повеќе од два часа беше на местото каде што беснееше пожарот заедно со екипите кои учеств уваа во неговото гаснење.  Таа  истакна дека со надчовечки напори на сите кои делуваа на терен, пожарот е ставен под контрола, без видливи пламени јазици. Сепак, екипи и вечерва ќе останат на локацијата со цел веднаш, превентивно, доколку во раните утрински часови повторно се појави пламен, да делуваат за да не дојде до негово проширување. Во зависност од тоа каква ќе биде состојбата со пожарот во  текот на ноќта и во раните утрински часови, така ќе бидат превземени соодветни мерки од страна на Кризниот штаб, односно изутрина ќе се одлучува дали и понатаму  ќе се бара вклучување на воздухоплови за гаснење на огнот.

Share Button