Лозарите бараат повисока цена и редовна исплата
Субвенциите се помош, но тоа не е најважната работа која земјоделецот треба да ја чека, му порачаа тиквешките лозари на министерот за земјоделие Љупчо Николовски. Тие побараа од него да ја каже цената по која винариите годинава ќе го откупуваат грозјето. Сметаат дека дополнителната мерка од два денари по килограм предадено грозје, државата мора да ја зголеми на 12. Така, лозарството ќе биде исплатлива гранка, велат тие.
„Жално е што сите ние земјоделци чекаме само субвенции за да живееме од нив. Проблемот е како да произведеме и на крај да продадеме“, вели лозар од Тиквешијата
Државата нема ингеренции да се меша во цената, но преку субвенциите и дополнителните мерки, ќе влијаеме на неа, вели министерот Николовски. За прв пат министерството ќе објави колку лозарот го чини производството на грозјето, за да може лесно да се пресмета разликата меѓу производната и откупната цена.
Според Николовски, од четири милиони евра лани, долгот на Повардарие кон лозарите е намален на 160 илјади евра. Проблематичните винарии се избришани од регистерот и им беше забранет откуп. Лозарите му порачаа почести контроли, за да не се случува најголемиот дел субвенции да го земаат луѓе кои ниту се земјоделци, ниту одгледуваат стратешки култури.
„Оваа влада и ние сме отпорни на сите видови на манипулации и обиди за криминал и слично“, вели Љупчо Николовски – министер за земјоделство шумарство и водостопанство
Министерот Николовски вели дека ресорното министерство ќе вложува во најмодерни градобијни системи и ќе ги реформира водните заедници. На лозарите им вети постојана помош и поддршка, но им порача дека од нив ќе бара соработка и вложување во нови сорти, со кои Македонија ќе биде конкурентна на странските пазари.