Луцерката – култура за оддржливо сточарско производство
Луцерката е фуражна легуминозна култура која се користи за сточна храна. Таа е повеќегодишно исправено растение, кое се состои од голем број стебла кои потекнуваат од врвните, крунести папки. Сината луцерка има силен шилест корен, кој обично навлегува до 2-4 метри во длабочина, но во добро исцедени и длабоки почви коренот навлегува уште подлабоко. Општо земено, луцерката се смета за отпорна на суша, така што длабочината на нејзиното вкоренување во тој поглед се смета за корисно својство.
Шест проценти од вкупното земјоделско земјиште кај нас е покриено со фуражни и легуминозни култури и растенија наменети за добиточна исхрана. Според статистичките податоци, луцерката се одгледува на 18.200 хектари, со годишно производство од 125.850 тони, а веднаш зад неа доаѓаат црвената детелина застапена на околу 3.600 хектари, обичната граорица (2.400 хектари) и добиточниот грашок (1.500 хектари). Ливадите се распространети на 60.264 хектари, со годишен принос од 106.814 тони сено, а на 687.350 хектари се протегаат пасишта, како најважни фуражни ресурси со годишно производство од 518.700 тони. Приближно 250.000 крави и околу 1.300.000 овци и кози ги користат легуминозите како хранливи ресурси.
Одгледување
За разлика од повеќето други фуражни легуминози, луцерката најчесто се одгледува сама, во чисти монокултурни тревници, иако може да се меша и со други легуминози и треви. Се користи главно за конзервација во форма на сено или, пак, во помала мера како силажа. Таа се употребува и како сува концентрирана храна, која содржи протеини и пигменти. Луцерката се користи и во ротациони системи на напасување. Континуираното одгледување и воведување на луцерката во плодоред го зголемува максималниот принос од житарки, како на пример, кај пченицата за 15-20%. Високите температури за време на растот (32°С во текот на денот и 26°С во текот на ноќта) влијаат врз хранливата вредност, при што ја намалуваат сварливоста на органските материи за 2-6%, за разлика со пониските температури (22°С во текот на денот и 16°С во текот на ноќта), што се должи на пониската концентрација на неструктурни јаглехидрати и повисоката содржина на лигнин. Високата температура што се развива околу коренот (на пример, 30°С), слабата отпорност на ниски температури (5-10°С) и недостигот од влага имаат штетно влијание врз врзувањето на почвениот азот (N2 фиксација). Врзувањето на почвениот азот (азотофиксацијата) кај луцерката се намалува со примена на вештачко азотно ѓубриво. Меѓутоа, дури и при претерано високи дози на азотни ѓубрива, како што се 210 килограми азот на хектар во еден циклус на раст, дури 25% од вкупниот азот отпаѓа на оној што се врзува во кореновите грутчиња (нодули).
Жетва
Како што напредува развојот на луцерката, хранливата вредност на стеблата опаѓа, односот лист – стебло е понизок, а постепено се намалува и хранливата вредност на вкупната маса. Ако се задоцни со косењето една недела, може да се намали содржината на сурови протеини за 2% и да се зголеми содржината на состојките во клеточниот ѕид за 3%, додека сварливоста на лисната фракција останува висока, помеѓу 75 и 80%. Во вегетативната фаза сварливоста на стеблената фракција се намалува за повеќе од 70%, а до 40% во фаза на полно цветање. Со напредувањето на зрелоста, сварливоста на тревестата маса опаѓа, така што во текот на периодот на зреење се движи од 75% до 60%.
Суровите протеини се обично повисоки во силирана луцерка отколку во сено, главно поради поголемата загуба на листови во подготовката на сеното. Треба да се нагласи дека во силажата има многу повеќе непротеински азот, отколку во сенажата. Што се однесува до свежата тревеста маса, исушената луцерка има малку повисока содржина на сурови влакна, пониска содржина на сурови протеини, пониска сварливост и нето енергија, бидејќи во процесот на подготовка на сеното се зголемува процентот на деградирани протеини.
Времето на секоја жетва најдобро е одредено од степенот на развој на основниот раст и повторен пораст односно ревегетација. Откоси треба да се земаат на секои 4-6 недели во умерените климатски региони.
За да се осигура преживувањето на растенијата во текот на зимата, последната жетва во сезоната треба да биде доволно рано за да им се овозможи на растенијата да ја подобрат својата вкупна содржина на азот и азотни резерви, пред да биде прекинат растот, но не прерано, бидејќи зелената покривка во текот на зимата може да натежне со што се зголемува опасноста од оштетување на врвот и намалување на растителната издржливост.
Активности пред припремата на сеното
По последниот откос, биомасата од слама треба да се остави врз почвата, што може да доведе до одбегнување на можните ефекти од мраз, бидејќи таа помага да се задржи снегот кој ја изолира луцерката. Ова е особено препорачливо во сезони кога е голема веројатноста од јаки зими.
Во процесот на подготовка на сеното најмногу се губи лисна маса за време на косењето и балирањето, со оглед на тоа дека највисока загуба во правењето силажа од луцерка се случува токму во силосите. Сеното со висока содржина на влага, исто така, ќе биде изложено на високи постжетвени загуби поради прегревање, со што се губат јаглехидратите.
За да се минимизира фуражната загуба кај луцерката во текот на подготовката на сеното и конзервацијата, процедурите вклучуваат:
- косење кога има мали шанси за дожд;
- поставување на искосената трева што е можно пошироко за полесно да се исуши;
- да се одбегнува ракување со сеното кога релативната влажност е особено ниска, на пример, напладне, за да се намали кршливоста на лисната маса;
- при подготовка на сеното, варирањето на сувата материја е околу 60%, така што ракувањето со вила при неговата подготовка треба да биде колку што е можно побавно и колку што е можно повеќекратно;
- балирање кога сеното не е премногу суво (на околу 82% сува материја) ниту премногу влажно, што доведува до високи загуби при складирањето.
Оптималната содржина на сува материја кај исечкана зелената маса, подготвена за силажа, изнесува 35-40%. Луцерката, исто така, може да се подготви во големи бали при што сувата материја изнесува околу 40-50%. Кога се практикува кратко време на овенување при подготовка на силажа, се намалува лисната загуба во споредба со подготовката на сено.