fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Македонците купуваат мед само кога се болни

Засега има доволно пчели и доволно мед за да се задоволи македонскиот пазар.

Последниве десет години опаѓаат приносите на мед. Претседателот на пчеларското здружение „Матица“ од Скопје, Душан Чорбиќ, вели дека минатата година била нешто подобра, кога, во просек, имало по 15 килограми мед од кошница. За весникот ВЕЧЕР  vecer.press, тој изјави дека годинава пчелите се добри и здрави и се надева на добра година.

Најголем проблем за пчеларите, според Чорбиќ, е што се продава фалсификуван мед по пазарите, по улиците и маркетите и очекува институциите да си ја вршат својата работа и да проверат. Тој вели дека засега има доволно пчели и доволно мед за да се задоволи македонскиот пазар.

Чорбиќ констатира дека нашиот народ сè уште купува мед само кога е болест во прашање, а не превентивно. Но, сепак, нагласува дека луѓето полека сфаќаат дека тоа е најприродното и најчисто нешто, кое не се расипува и во кое нема конзерванси и додатоци, а е полезно за здравјето. Во тоа, вели тој, секако, улога имаат и нутриционистите, кои објаснуваат за придобивките од медот.

Пчеларот Христијан Аврамовски е задоволен од приносот на мед минатата година.

– Имавме реално голем принос на ливадски мед, а помал на шумски мед. Годината беше врнежлива, а имаше и сонце, што влијаеше поволно – објасни тој.

И тој потврди дека просекот на приносот на мед минатата година бил од 13 до 15 килограми од кошница, додека со селење – и до 25 до 30 килограми мед. Аврамовски вели дека наглото менување на времето од многу ладно во топло неповолно влијае на приносот на мед, а и се пожали дека мечките во повисоките делови им прават штети. Конкретно зборуваше за делот меѓу Македонски Брод и Прилеп, селото Долгаец, од каде што е неговиот мед.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close