Македонија троши до 60 милиони евра за увоз на пилешко, Словенија инкасира над 200 милиони од извоз
Во 2015-та во земјава биле произведени 300 илјади пилиња, а пред 10 години и над 7 милиони.
Според податоците на Стопанската комора само 5 до 15% од пазарот сега се покриени со домашно производство. Големите капацитети се затворија и сега целиот сектор се сведува само на неколку помали живинарски фарми.
Домашните производители се жалат на нелојална конкуренција
За разлика од производството на пилешко месо, состојбата со производство на јајца е подобра – годишното производство е околу 300 милиони со што се покриваат потребите. Сепак, домашните компании се жалат на нелојална конкуренција од соседните земји. Тврдат дека се увезуваат небезбедни јајца од Србија по дампинг цени.
„Во 2013 и 2014 година бројот на несилки се намали како резултат на затворање на европските пазари, а домашното јајце е со најниска цена во регионот, 5-7 денари. Во моментов имаме стопанска гранка во која можност за извоз нема, а од друга страна постојат законски услови за непречен увоз“, изјавија неодамна од Групацијата за живинарство при Стопанската комора.
Државата најавува зголемена поддршка годинава
Државата веќе најави дека од годинава ќе биде зголемена поддршката за живинарската индустрија. Се планира од Буџетот да бидат одвоени околу 3 милиони евра за фабрика за производство на јајца во прав и за конзервирани јајца, а доколку биде неопходно ќе се гради и кланица.
Со поддршка на Организацијата за храна и земјоделство на ОН, ФАО, се спроведува Проект за развој на живинарството.
„Главната цел е во наредните пет години да се намали увозот на пилешко месо и да се зголеми домашното производството на живинско месо од 500 тони кое покрива само пет проценти од домашните потреби на пазарот на 30 отсто од потребите. Увозот на живинско месо не чини околу 50 милиони евра годишно и е најголемата поединечна стапка во увозот на земјоделско-прехранбени производи“, рече при промоцијата на Проектот министерот за земјоделство, Михаил Цветков.