Македонските семиња со врвен квалитет
Македонските професори и упатени во темата за производство на домати истакнуваат дека на нашето поднебје имало два препознатливи вида домати, кои имале специфичен богат вкус, но истите тие биле со неправилна форма и со краток рок на траење, поради што денеска нивните семиња не се бараат и многу малку се присутни на домашните трпези.
Поранешниот професор од Земјоделски факултет, Илија Каров, посочува дека потребите на земјава од семе за производство на домати во најголем процент се обезбедуваат преку увоз, иако до пред петнаесетина години сме имале домашно производство.
– Доколку во ген-банките, односно во специјални услови се зачувани нашите традиционални семиња, ние можеме лесно да ги обновиме. Земјата чувала повеќе видови семиња, и тоа од различни земјоделски производи. Јас сум убеден дека сите наши сорти имаат извонреден квалитет, тие порано важеа за квалитетни продукти и беа многу барани, но поради силната конкуренција од странство и сите перипетии низ кои помина државата, нивното производство скоро да е згаснато. Жалосно е што денес нема кој да произведува, бидејќи се потребни инвестиции и финансиска и технолошка поддршка за истото тоа да се спроведе. Но кај нас за наука се одвојуваат само 0,2 отсто од буџетот, а со толку малку средства нема кој да произведува семе.
Во негово производство треба да се вклучи тим од повеќе области, селекционери, генетичари, заштитници за отпорност на болести, на штетници… многу труд, знаење, но со олку средства нема кој да произведува… – посочува поранешниот професор Каров.
Тој објаснува дека за да се обезбеди квалитет на некоја сорта, потребно е да има квалитетни мајка и татко, да се издвојат семиња со квалитетни гени, да се види какво потомство даваат, потоа истите тие ќе создаваат, дали се отпорни или чувствителни на болести, па да се следи како се храни… многу детали, но истакнува дека трудот вреди бидејќи е значајно земјата да има свое производство на семиња.
– Има држави што напредуваат значително во производството на семе, како Турција на пример, но и Србија создава нови хибриди, кои се признаени во многу држави во светот. За Израел да не зборуваме. Сметам дека ако државата се реши и им даде приоритет ние можеме да произведуваме квалитетни семиња, а од нив и квалитетни домати, и други земјоделски продукти и притоа со соодветна стратегија можеме многу да напредуваме. Ние сега одвојуваме големи средства за увоз на семиња од повеќе области, што може да се замени со домашно производство – посочува Каров.
Од традиционалните семиња и видови домати што се произведувале, а кои, според познавачите, сѐ уште ги има кај некои локални произведувачи на домат се одвојувале јабучарот и воловско срце. Домат што бил покрупен, но со значително квалитетен нутритивен состав. Единствена мана на традиционалните производи им е краткотрајноста, овие домати траат до три дена, по што скапуваат и поради тоа сѐ помалку производители ги одгледуваат, бидејќи за кратко време не можат да ги продадат и бидејќи трговците не им купуваат за пласман на подалечните пазари.
Уште еден професор од областа на земјоделските науки посочува дека врз квалитетот на продуктите големо влијание имаат и надворешните временски услови, за што Македонија има големи предиспозиции за производство на квалитетен домат.
– Семето како семенски материјал треба да поседува одредени квалитетни својства, како што се чистота, енергија на ’ртење, вкупна ’ртливост, апсолутна и хектолитарска маса. Преку семето се обезбедуваат одредени карактеристики на културата, но применетата агротехника (обработка на почвата, плодоред, ѓубрење, заштита, наводнување итн.), влијанието на надворешните фактори и секако антропогениот фактор (човекот) како организатор на земјоделското производство, на крајот „одлучуваат“ какви својства и колку од нив ќе дојдат до израз или ќе бидат најблиску до генетскиот потенцијал на културата.
Секоја сорта или хибрид има генетски потенцијал, својства што во согласност со гените може да ги оствари во одредено поднебје. Доматот како култура одгледуван кај нас, во наши агроеколошки услови, ги има сите предуслови генетските карактеристики и потенцијал да дојдат до израз, што не е случај со земјите во Западна и Северна Европа, каде што бројот на сончеви денови и општата температурна сума се недоволни да ги добие истите квалитетни својства. Втора причина за губењето на квалитетните својства на доматот е што повеќето градинари доматот го одгледуваат во фолии или пластеници, за да го заштитат од надворешни неповолни влијанија (високи и ниски температури, поројни и обилни дождови и сл.). Понатаму, намалување на квалитетот на доматот како краен производ е фактот што градинарите ги берат доматите многу пред нивната физиолошка зрелост, кога не се целосно зрели и на тој начин го скратуваат процесот на нивно зреење и се намалува нивниот квалитет. Ова е поради тоа што производството е стихијно, а откупот несигурен, при што доматот присилно дозрева транспортирајќи се или чувајќи се во одредени ладилници – вели професорот Звонко Пацаноски, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна.
Тој посочува дека земјоделското производство, вклучувајќи го и производството на домат, е комерцијализирано, бидејќи ако доматите се берат зрели, во физиолошка зрелост, им се намалува трајноста и не можат да бидат транспортирани на поголеми далечини, понатаму поради несигурноста на откупот производителите не знаат кога ќе ги продадат доматите.
– Поради сите овие причини, конечниот изглед и квалитет на доматот не се детерминирани и зависни само од применетата агротехника, туку и од низа други, пред сѐ, економски и организациски фактори. На крајот сѐ се сведува на можноста за поголема и побрза заработка, а квалитетот се става во втор план.
Проблемот се усложнува и со разликата меѓу производствената и откупната цена – истакна Пацаноски.
Упатените посочуваат дека до пред 15-20 години домашните сорти што ги одгледувале земјоделците, како скопскиот јабучар и воловско срце, сега ги има многу малку и најчесто се одгледуваат само за домашни потреби. Причина поради која ги нема овие производи на пазарите е што истите тие не траат долго, немаат убава препознатлива форма, туку големи плодови што пукаат, но се со многу убав вкус, а квалитетот е неспоредлив.