вестиМакедонијаРурален туризамТоп вести

Манастирот Света Богородица – Пречиста центар на духовноста во Кичевскиот регион

 

На десеттина километри југоисточно од Кичево на падините на планината Цоцан под врвот Врвој распослано е свето место  на кое е изграден манастирот Света Богородица – Пречиста. Изграден е во густа дабова и борова шума до која води кривулест пат. Издигнат гордо кон Бога овде голем број верници наоѓаат духовен мир. Кај народот е познат како Богородица Пречиста и посветен на празникот Воведение на Пресвета Богородица – Пречиста кој се слави на 21 септември, кај народот познат уште како Мала Богодродица. Ноќта на 20 спроти 21 септември голем број верници го посетуваат овој манастир и палејќи свеќи упатуваат молитви со желба за здравје и среќа. Прекрасно уреден манастир каде на средината се наоѓа црквата, а околу неа се изградени конаци.

Како и многу други цркви и манастири на ова тло и овој манастир има бурна историја со високи дострели и многу падови. Изграден е во 14 век над извор за кој се верувало дека има исцелителна моќ, за што верниците многу го посетувале.  Покрај духовна вредност во манастирот се одвивала  и просветителска дејност. Овде престојувале и работеле едни од најголемите  македонски  просветители Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновски. Внатре прибежиште наоѓале и илинденците.

Со настанувањето на манастирот е поврзана една легенда

Легендата вели дека на местото на кое жителите од околните места одлучиле да градат манастир, оставале икона да преноќи. Но утрото кога дошле да започнат со работа, иконата ја немало. Ја барале долго време, се’ додека не ја нашле крај еден извор. Потоа повторно ја вратиле на старото место. Но утредента се случило повторно исто. Иконата во огнен пламен прелетувала и доаѓала на изворот. Како божји знак, одлучиле наместо на првичното место, манастирот да го изградат токму над изворот. И ден денес тој извор постои во манастирската црква, како и самата света сребрена икона посветена на Богородица која се чува во еден мал олтар.

Манастирот датира уште од 1316 година. Првите пишани историски извори за манастирот Пречиста потекнуваат од XVI век. Светогорските манастири, посебно словенските, во периодот на османлиската власт одржувале блиски врски со Охридската архиепископија, со самиот архиепископски врв, како и со поугледните манастири и црковни средишта на архиепископијата, кои во XVI и XVII век остваруваат бележит духовен и културно-просветен подем, меѓу кои е манастирот Пречиста. Тоа му сметало на османлиите така што во 1558 година  манастирот бил  брутално разорен  сосе црквата и конаците.

Во 1564 братството смогнува сили и гради друга црква од убаво изделкан камен, како што опишува игуменот хаџи Теофил во средината на XIX век. Сведоштво за тој голем градителски и уметнички потфат била камената плоча поставена на надвратникот на западниот ѕид над влезната врата. На неа бил врежан текст дека црквата се обнови во 1564 година, во времето на Охридскиот архиепископ Софрониј, кичевскиот епископ Герасим и со заложбите на игуменот, јеромонах Герман, за време на султанот Сулејман. Била живописана и украсена од зографскиот кир Онуфриј

Во време на игуменот Теодосиј (Теофил), манастирот го враќа угледот и ги дава првите преродбенски импулси.  Но токму во негово време се случува најголемото рушење на манастирот од страна на одметнатите дебрани, во 1843 година. Од манастирскиот комплекс останува само старата манастирска црква, и таа делумно опожарена. Игуменот Теодосиј, најпрвин со свои средства кои ги собира за време на својата служба во Гостиварскиот метох на Пречиста, ги обновува изгорените манастирски конаци и останатите пропратни објекти, а во 1846 ја руши малата манастирска црква и започнува да го гради денешниот храм со импозантни димензии.

Континуитетот на манастирскиот живот продолжува и по Балканските војни и Првата Светска Војна. Нов духовен импулс во повторното заживување имаат руските монахињи, прогонети од бољшевиците, кои во следните децении ги продолжуваат традициите на ова вековно македонско црковно средиште.

Благодарение на нивниот монашки подвиг и молитвеноста, црковниот и духовен живот во манастирот продолжува се до денешно времe. Манастирот никогаш не бил оставен без монаштво, Богородица си носела монаси од различни краишта.

Денес манастирот Света Богородица – Пречиста е женски манастир. Неодамна  со благослов на надлежниот Митрополит г-дин Тимотеј, дел од сестринствотo при Раичкиот манастир го продолжија активниот монашки живот во манастирот Пречиста. Под духовна закрила и поддршка на нивниот Старец Епископот Антаниски г-дин Партениј, сестринството денес во целост го исполнува поредокот во манастирот по светогорски општежителен типик, како во однос на функционирањето на обителта, така и во богослужението.
Грижата за манастирот сестрите ја потпираат на сопствена економија вредно посветени на производство на манастирско сирење и други млечни производи.

Архитектура на манастирот

Манастирската црква е од типот на големи соборни цркви и е една од најголемите во Македонија. Во основа има базиликално решение, со висока купола и осмостран тамбур. Ѕидовите се од камен варовник и бигор. Од надворешната страна камењата се делкани – приделкани во хоризонтални редови во вид на квадрати, завршувајќи со богато профилирани венци. По својата убавина посебно се истакнува источната фасада на црквата, бидејќи оттаму е главниот влез – капијата.

Интересен податок  е тоа што црквата почива на вода. Кога ја граделе, за да се добие стабилност, употребиле церово дрво кое има способност да биде многу трајно кога се наоѓа во вода.

Во храмот има мал олтар каде голем број верници доаѓаат по својот благослов. Најважно иконографско дело во Света Пречиста е чудотворната икона. Од една страна на неа е Исус Христос, а од другата страна е Богородица во прегратка со Христоса. Неа во 1865 година ја ретуширал зографот Дичо Зограф, кој успеал целосно да ги дочува стилот и бојата. Во 2006 година чудотворната икона повторно е конзервирана.

Она што овој манастир го прави уникатен истовремено и  мистичен е што под еден покрив собира верници од христијанска и муслиманска вера. Во дворот на манастирот се наоѓа и манастирска чешма.

Повеке од еден век, на 21 септември, односно на празникот “Мала Богородица” манастирот го празнува овој верски празник. Традицијата досега е непрекината што е уште еден податок кој говори за големината на манастирот. Секоја  година на овој ден манастирот го посетуваат голем број верници.

Со својата импозантност и божествена духовност, богатата историја и природната убавина манастирот Св. Богородица Пречиста е дестинација за развој на манастирски туризам и секој кој дошол овде неостанува рамнодушен и посакува повторно да дојде.

П.Јовановска

 

 

 

 

Слични написи

Back to top button
Close