Мандарини и портокали растат во Негорци и во Војшанци
Сопствениците велат дека ова е доказ оти и во Македонија се а јужно овошје. Производството е за сопствени потреби, но не е исклучена можноста за подигнување и на поголеми површини ако се создадат услови за такво нешто во иднина и ако се покаже дека тоа може да биде исплатлив семеен бизнис. Фотографиите со мандарини се направени во овоштарникот на семејството Ѓорѓиеви од Негорци при последна берба, во доцна есен.
И нивниот сожител Мартин Митров има дрвца мандарина, портокал и банана. Ги добил по пат на калемење. Успешно калеми за свои потреби, покрај калемењето на украсни дрвца. Се почнало од љубопитност, демек дали ќе му успее, а љубопитноста со текот на времето поминала во зараза.
Дрвцето банана ми измрзна оваа година, но сега пролетва ќе потера пак нови изданци. Другите дрвца навистина успеваат без проблем, бидејќи се накалемени на дива подлога од трифолијата, која не мрзне на овие простори. Трифолијата е, всушност, еден вид див лимон со трње. Го има на две три места во Гевгелија и собирам плод со семки и ги садам. Моментно имам посадено едно стотина, но наесен ќе се знае колку ќе нараснат за да можат да се калемат. А се калемат на заспана папка од на август до средината на септември појасни Мартин Митров.
Портокали роди и дрвцето во дворот на Јаневи во неготинското село Војшанци.
– Дрвцево го имам 5 години, кога го купив од Гевгелија беше многу мало и накалемено. Мислам дека е калемено на див лимон, кој не раѓа, туку само се користи како подлога. Еднаш годишно береме портокали. Бидејќи дрвцето е се уште младо, досега најмногу пет килограми сме набрале од него. Почна да дава плодови од третата година. Пред тоа беше во саксија, но од годинава го префрливме во дворот. Зимава го ставив под стакло, да не дојде до измрзнување. Обезбедив светилка од 200 вати, но многу малку го користев загревањето рече Борче Јанев, братучед на Митров од Негорци.
Тој планира да посади и дрвца мандарина и банана. По еден корен, најпрвин за да види дали и како ќе се приспособат на условите.
– Ако се покажат добри, ќе направиме и овоштарник вели Јанев.