fbpx
ВестиТоп вести

Мариовска дива круша горница

 

Дивата крушка претставува листопадно дрво кое што има масивно стебло и  кое на нашите простори се појавува исклучиво како самоникло растение. Цутењето обично трае во периодот од април до мај и цутот на секое поединечно стебло се задржува околу десетина до петнаесет денови. Нејзините плодови се многу помали од благородните сорти на круши но се со сличен  облик и имаат топчеста форма.

 

Поради тоа што е многу отпорна на мраз или пак суша таа е многу погодна за калемење со други благородни и племенити сорти на круша. Тоа беше мотив да во изминатиот период  на многу пати досега е вршено калемење на истата во пределот на Мариово од екипи на Земјоделскиот факултет од Скопје и на други институции и поединци.

Плодовите на крушата во голема мера се конзумираат речиси во сите домови, но тоа не може да се рече и за плодовите на дивата крушка кои за разлика од жителите на мариовскиот регион за  останатиот дел од популацијата во нашата држава  е речиси непозната. Во мариовскиот регион оваа крушка е позната под името Горница. И покрај докажаните во пракса нејзините лековити својства за многу болести и тегоби почнувајќи од употребата на нејзината дрвенеста кора, нејзините лисја или пак плодови сепак најчеста примена во регионот на Мариово наоѓала како продукт за непосредна исхрана на населението т.е. таа била чест гостин

 

во секој дом кој што ја употребувал за припрема на чаеви или пак компот. За оваа цел плодовите се нижеле па потоа се вршело и сушење најчесто под покривите на куќите. Сепак нејзината најголема примена била кога се користела со непосредно конзумирање на плодот. После бербата плодот е многу цврст и непогоден за непосредна исхрана, но по одреден временски период тој станува мек и употреблив и како таков може да се конзумира подолг период  без користење на ладилна техника што бил многу битен фактор поради тоа што употребата на електрична енергија  долго време отсуствувала во овие предели.

 

Исто така оваа крушка наоѓала честа примена и при производство на ракија сливовица. Имено во комината покрај фермнтираните сливи се додавала и одредена количина на дива крушка со што се подобрувал вкусот на ракијата при што се добивал посебен шмек на истата.

 

Покрај користењето од страна на луѓето за нивна лична употреба поради големата застапеност на ова растение на овие предели таа се користела и како храна за ситниот и крупен добиток.

 

Кога зрелите плодови ќе почнеле да паѓаат од крошните на растението тие претставувале посластица за ситниот добиток (овците и козите) кој се напасувал на овие предели. Луѓето исто така ги собирале овие плодови со што ги хранеле и свињите во кочините во текот на зимскиот период кога имало недостаток на друга храна.

Од горенаведеното можи да се заклучи дека ова растение имало многу голема важност за жителите и за нивната егзистенција на овие предели кои важат за најсиромашни во нашата држава.

 

 

Подготвил: Игор Петровски

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close