fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Марјанчо Цветкоски-Земјоделец! – значи да си истраен и вреден човек

Кога со земјоделието ќе застанеме на крстопат, треба да го одбереме патот што не води напред и покрај сите препреки, порачува Цветкоски.

„Да си млад земјоделец во нашата држава, значи да си упорен, истраен и вреден човек. А јас како млад човек тоа го докажувам со земјата што професионално ја обработувам“. Вака Марјанчо Цветкоски 37 годишен млад земјоделец од Прилеп ја започнува својата приказна за „Зелена берза“.

Цветкоски е еден од покрупните земјоделци во Прилепско кој на над 40 хектари земја произведува тутун, житни култури, бостан и чува штала со 30 крави исклучиво за продажба на телиња.

Годинава Марјанчо произведе 80 тони жито и 7 тони тутун.

Најголем дел од земјоделските површини што ги обработува Цветкоски се во Лагово и Беровци каде има над 200 декари државно земјоделско земјиште под концесија, додека пак неговата штала со крави е во село Марул.

-Од секогаш моето семејство се занимавало со земјоделие, но јас над 15 години посериозно се занимавам со обработка на земјата. Тука подразбирам се што значи професионално земјоделство. Она што го садам го работам од почеток до крај според сите стандарди и агротехнички мерки. Од расадот, па се прскање, ѓубрење и се што следува. Не смее да има промашување и импровизации, вели Цветкоски.

Тој поседува 4 нови трактори и како што вели бројна помошна механизација од над 35 приклучни машини. Има посовремени машини за обработка на тутунот од садење, па се до берба.

Така, овој наш млад земјоделец може гордо да се пофали дека досега произвел до 90 тони тутун, што не е бројка за потценување. Само годинава произведе 7.000 килограми тутун на површина од 30 декари. За сушење на тутунот во Прилеп изградил голем објект од 200 м2 за исушен тутун. Како што вели Марјанчо, тутунот го суши во еден ред и тука е неговиот успех. Објаснува дека еден ист тутун од иста берба не е сеедно дали ќе се суши на еден или на два реда. Затоа пак неговиот начин на сушење на еден ред, вели дека се исплатува повеќе.

-И годинава произведов квалитетен тутун, но заради целокупната ситуација со годинешниот откуп на тутун, наместо прва и втора класа најголем дел ми се ценеше пониски класи, значи грото отиде втора и трета класа. Иако имав како производител забелешки и ‘етикети’ дека големи производители на тутун одат на квантитет, а не на квалитет, тоа не е така. Јас исклучиво одам на производство на квалитетен тутун. Минатата реколта произведов 6.000 килограми тутун, од оваа количина над 50 проценти тутунот беше откупен прва класа. Да, точно и линијата беше полабава, ама јас се жртвував себе си за да го произведам квалитетен. Годинава просечната цена кај мене се движи околу 195 денари. За тоа што велиме дека годината е катастрофална во секој поглед за тутунарите, овој просек е можеби успех, ама јас лично не сум задоволен со овој просек, а и сами проценители признаваат дека мојот тутун што е прва класа, не го ценат реално. Зошто тутунот се суши на еден ред, сонцето убаво го фаќа и нема простор да потемни. Тоа значи дека јас покривам двојно повеќе скелиња од оние што го сушат тутун во два реда, вели Цветкоски.

Со нереални проценки на тутунот од страна на откупувачите и Марјанчо како и секој друг тутунопроизводител во државата, веќе пресметал дека има загуба над 10.000 евра.

-Со толку крута откупна линија, јас губам, и тоа 50 до 60 денари на килограм тутун. Тоа во пари на цело производство значи 10.000 евра. Тука се подразбира и пониската проценка, и субвенциите и одбитоците кои се високи. Да се разбереме јас сум оштетен за овие пари, зошто јас сум вложил иста работа и сум ги направил истите трошоци како минатата реколта, истите репроматеријали. Ѓубривото, конецот и најлонот се земаа по сита цена летото во земјоделските аптеки, наведува Цветковски и констатира дека ова е една од потешките години за земјоделците, особено за тутунопроизводството кое се соочи со временски неприлики од почеток, уште од расадот, поради мразот, дождот.

Цветковски порачува дека и кога годината е лоша и работата не им се исплаќа, вистинскиот земјоделец мора да продолжи со производство. За новата реколта смета дека тутунарите треба да направат прецизни договори.

-Работата годинава не ни се исплати, но ние земјоделците сме упорни, ќе продолжиме со производство, ама треба да застанеме на здрави нозе со договорите за тутунот, јасни и прецизни. Оти годинава не изиграа со мострите, ги направија престроги. Еве на пример, откупувачи доаѓаа кај мене за да земат мостри, а потоа на пунктот, истиот тутун не ми го цени како на мострата, ми вели не е тој квалитет. А, мострата од кај мене земена, вели Цветкоски.

Ова наш млад земјоделец успеал да искористи дел од програмата за млади земјоделци во делот на рурален развој, но смета дека државата мора повеќе да вложува во земјоделието и земјоделците ако сака да чекори напред.

-Државата убаво почна да вложува во нас земјоделците. Од 2010 година наваму има одлични програми за рурален развој. Јас сметам дека вреди човек да се занимава со земјоделие, но државата треба повеќе да посвети внимание за нас земјоделците. Јас, ако застанам со земјоделие губам, морам да ја платам концесијата за нивите поради склучените договори. Изградив објекти од тврда градба со сите нишани и вложив 40 илјади евра. Вложив во сушари за тутун, затоа кога со земјоделието ќе застанеме на крстопат треба да го одбереме патот што не води напред и покрај сите препреки, порачува Цветкоски.

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close