fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Матичниот пчелар е важен исто како и матичниот лекар

Граѓаните да купуваат мед од пријатели, или од нивните соседи, луѓе што ги познаваат, за да бидат сигурни дека купуваат квалитетен мед.

Се помалку го има, но македонскиот мед како што и потврдуваат анализите и резултатите од бројни меѓународни натпревари е еден од најквалитетните на Балканот, а на овие простори овој производ поради географската положба како и богата природа е со многу одлични органолептички својства.

Пчеларот Владимир Петровски кој воедно е и претседател на здружението „Полошки мед“, вели дека годинава за разлика од претходните година малку е подобра состојбата со производство на мед. Медоносната година зависи од климатските промени, кои значително го намалија приносот на мед. Но, не е само климата, проблем тука се и несовесните земјоделци, кои ги прскаат своите производи, нанесувајќи штета на пчелите, но и на самите себе.

-Нема спас од климатските промени, но мора да се едуцираме. На пример ако порано на есен мирувавме, сега не мируваме, значи зборам за пчелите, тие на есен не мируваат. Исто имаме проблеми со прскање со инсектициди, зашто колегите земјоделци ги користат тие инсектициди. Значи мора да се внимава на пчеларството, особено да внимаваат земјоделците, бидејќи 80% од запрашувањето на секој земјоделски производ го вршат пчелите, да не се тие, нема да има ни земјоделие. Сигурно нема земјоделците да одат од производ на производ да вршат опрашување, рече Владимир Петровски претседател на здружението „Полошки мед“.

Медот може да биде една од најдоходовните гранки во Македонија, затоа што сепак се работи за регион со богата природа, која на некои места е недопрена. Луѓето особено помладите треба да гледаат перспектива во оваа дејност, затоа што знаеме и не само тука, туку и во целиот Балкан колку е развиена индустријата, вели Слободан Јефтиќ, меѓународен експерт од Србија, кој секоја година учествува како судија во оценувањето на квалитетот на македонскиот мед на Меѓународниот натпревар за квалитет на мед кој се одржува во Тетово.

-Мора тука во Македонија повеќе да се ангажираат државните структури да го помогнат овој натпревар, бидејќи самите пчелари не можат да го издржат овој финансиски товар. Секој натпревар како овој во Тетово е чиста промоција на медот и поттикнување на младите да се занимаваат со пчеларство за нивно вработување. Тие треба да се поттикнуваат да се одржуваат курсеви за пчеларството, тоа е она што е потребно, сепак ние постарите да се тргнеме на страна, а тие да имаат работно место. Ние не можеме да произведуваме авиони, но сепак можеме да живееме од природата, треба да сфатиме дека храната и водата се најважни и тие се најскапи, а медот е тука и има солидна цена, но сепак треба владата да помогне со субвенции, со кошници на пример и слично, вели Јефтиќ.

Медот како лек

Инаку во Тетово се одржа третиот Интернационален натпревар за мед што го организира Здружението „Градот на пчелите“ и здружението „Полошки мед“, а помогнати од Универзитетот во Тетово. Оваа година имаше 350 учесници од 22 земји од целиот свет, Европа, Америка и Австралија. Учесниците како проблем го наведоа фалсификувањето на медот, но како медари потенцираа дека работат истиот да се серитифицира, односно брендира, со цел да има помалку злоупотреби. Но, сепак луѓето треба да внимаваат, односно медот треба да се купува од матичен пчелар, затоа што не се работи за обичен производ, туку за лек.

-Пчеларите имаат една благородна мисија да ги спасат пчелите, мора да ги прихрануваат кога собираат мед, имаме тешки услови и извор за прехрана на пчелите како медлика  и слично. Порано имавме 20 килограми од едно пчелно семејство, а сега има околу 5 килограми. Секогаш треба да се купува мед од познат пчелар, значи да си имаме матичен пчелар, тоа е како кога имаме матичен доктор, матичен заболекар, на кој што му веруваме, така треба да имаме матичен пчелар. Се што е во маркети и е евтино, тоа а репер за неквалитетен мед, дека нема некој што би продавал мед за двојно и тројно пониска цена, потенцира Хрисула Кипријановска, професор на Факултетот за земјоделство при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

Воглавно медот се дели на ливадски мед, на планински или цветен мед или мед од медлика.

-Во Македонија не може да се произведе монофлорен мед, но во овој дел на Шара може да има монофлорен, односно костенов мед. Тој е најквалитетен мед, има многу полен, минерали и слично. Багрем на пример има на повеќе места, но не може чист багрем да се произведе, имаме претежно мешан,  освен овој костенов кој може да се произведе на Шара. Посветлите медови се препорачуваат за помлади лица, а потемните за повозрасните, препорака е една лажица на ден, најдобро е на празен стомак и тие содржини веднаш одат во мозокот, а ги задоволуваат нашите потреби (умствени и физички), наведува Кипријановска, професор на Факултетот за земјоделство при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

 

Зоран Димовски за Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close