Матичната собраниска комисија даде виза за зелена земјоделска нафта
Собраниската Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на денешната седница го разгледа Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој, во прво читање, со кој се предлага субвенционирање на 50 отсто од трошоците за набавка на гориво за земјоделската механизација и оцени дека е прифатлив и оти треба да се даде на натамошно читање.
На земјоделците и на земјоделските стопанства ќе им се субвенционира 50 отсто од средствата за набавка на гориво, но не повеќе од 100.000 денари по земјоделско стопанство. За набавка на гориво ќе се доделуваат платежни картички со одреден износ. За таа намена во Буџетот на Република Македонија се предвидени 310 милиони денари.
Според членот на Комисијата, Диме Велковски од СДСМ, оваа мерка во голем дел ќе помогне во производството на храна, бидејќи нафтата учествува во голема мера во трошокот за производство на храната.
-Ваква мерка веќе има во повеќе земји од опкружувањето и во дел од земјите од Европската унија. Неопходно е да се изработи правилник за прецизна распределба за олсенувањата што треба да ги добијат земјоделците, рече Велковски.
Посочи дека во земјава веќе има направено некои анализи кои покажуваат дека за житните култури се неопходни по 40 литри нафта на хектар без да се вкалкулира жетвата, за индустриските култури 60 литри по хектар без жетва, за овошните насади 150 литри по хектар, кај лозовите насади и градинарските култури по 120 литри, а кај фуражните култури 60 литри нафта по хектар.
Реџаил Исмаили порача да се внимава при изработката на подзаконските акти и додаде дека мерката треба да важи и за сточарите.
Панчо Минов од Коалицијата за подобра Македонија посочи дека покрај субвенцијата за горивот, неопходна е и субвенција за ѓубриво за земјоделците и нагласи дека земјоделците не треба да се условуваат со надмирување на обврските за водарина, даноци и придонеси за да ги добијат субвенциите. Во реплика Реџаили му рече дека е неопходно прво да се направи анализа на почвата за да се види каде какво ѓубриво е потребно, потоа да се размислува за субвенција за ѓубриво.
Комисијата го рагледа и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за консолидација на земјоделското земјиште, во прво читање, и заклучи дека е прифатлив и оти може да се даде на натамошно читање.