fbpx
ВестиТоп вести

Меѓународна работилница за јакнење на капацитетите за органско производство на ориз во Кочани

Општина Кочани е домаќин на дводневна меѓународна работилница за јакнење на институционалните капацитети во конвенционалното и органското производство на ориз што се реализира со поддршка од инструментот за техничка помош и  размена на информации (TAIEX) на Европската комисија и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Македонија.

Целта на работилницата е домашните производители и стручни лица да разменат европски искуства и знаења во органското производство на ориз со предавачи-експерти од Италија, Грција и Бугарија, како и да разговараат за унапредување на здружувањето и соработката меѓу земјоделците.

Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски истакна дека странската поддршка има важна улога во успешното креирање на досегашните и идни политики во домашното оризипроизводство, за пазарните стандарди, новите технологии во производството и воведување сорти ориз што се конкурентни и барани на домашниот и на европскиот пазар.

-Оризот како земјоделска култура кај нас има посебно место во програмата за финансиска поддршка поради традиционалните вредности и долгогодишното производство, како и неговата улога за развој на руралната економија и извозно препознатливиот бренд – кочански ориз. Олеснителна околност за откупните компании кои извезуваат ориз е што годинава со Србија е потпишан договор за признавање на македонскиот сертификат за ГМО, а радиоактивноста се испитува на самиот граничен премин, за што досега се чекаше и по неколку дена, но сега камионите ја минуваат границата без задржување, истакна министерот Николовски.

Како дел од системските мерки за унапредување на производството на ориз во Македонија, Николовски ја нагласи поддршката од ресорното министерство за зајакнување на кадровските и обновување на техничките ресурси на Институтот за ориз во Кочани.

Во име на земјоделските производители од регионот, градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев потенцираше дека кочанскиот ориз како бренд годинава претрпел сериозна штета поради лажните информации за присуство на ГМО семе и упати барање до стручните институции  во државата за поголема контрола на квалитетот и координација при давањето мислења.

Министерството за земјоделство преку инструментот TAIEX во изминатиот период организираше експертска мисија и студиска посета во Италија за домашните стручни лица и за оризопроизводителите. Притоа беа опфатени теми за договарањето, маркетингот и продажбата на оризот, мерките за поддршка на производството, функционирањето на задругите, сортиментот, квалитетот и принципите на биодиверзитет и органско производство на ориз.


 

vecer.press

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close