Мелничарите од земјава се соочуваат со блокада од косовска страна
Мелничарите 25 дена блокирани од косовска страна, не можат да го извезат брашното
Велат дека веќе 25 дена не можат да реализираат извоз зашто Косово им ги враќа камионите со брашно под изговор дека нивото на железо и фолна киселина во него е под пропишаниот правилни.
Како што вели за МИА претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Северна Македонија, Горан Малишиќ, за ваквиот проблем веднаш биле известени Министерството за економија и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Мелничарите дури побарале и итна средба со надлежните, но до денеска не добиле никаков одговор.
-Сакаме да ги известиме јавноста, земјоделците и Владата дека како извозници на брашно се соочуваме со измислена, вештачка блокада од страна на Косово веќе 25 дена. Веќе 15 и повеќе години извезуваме брашно во Косово по нивните критериуми без проблеми. Како извозници правиме анализи на брашното во нашите акредитирани лаборатории, за да провериме дали ги исполнуваме условите, како и од официјални причини за извоз, односно за да добиеме сертификат за потекло и квалитет за извоз на брашното. Во последните 25 дена, Косово ни ги враќа камионите под изговор дека нивото на железо и фолна киселина е под пропишаниот правилник, иако и пред испорака и по враќањето нашето брашно е испитано во нашите лаборатории и констатирано е дека содржи повеќе од минималната утврдена количина на железо и фолна киселина, нагласува Малишиќ.
Тој ги обвинува надлежните за немање слух и водење неправилна политика.
-Групацијата веднаш ги извести официјално АХВ и Министерството за економија за вештачката блокада од Косово, но до ден денес никој официјално не изреагира. Барем да не викнеа на состанок. Поради неслухот на нашите државници и неправилната политика, во изминатите години земјава е доведена на ниво на најзависна држава од увоз за најосновните земјоделски култури. До 2005 година бевме лидер во производство и преработка на земјоделски култури и сточарство по глава на жител. Сега, ниту земјоделците, ниту преработувачките капацитети имаат интерес да го зголемат производството за да бидат доволно самостојни во исхраната на сопствените граѓани, без разлика на субвенциите кои се доделуваат. Од истата причина, поради неодговорноста за заштита на домашното производство, се случуваат сегашните ценовни зголемувања на најосновните производи, истакнува Малишиќ.
Мелничката индустрија апелира до Владата, одговорните министерства и државни агенции, веднаш да го решат проблемот со извозот, како и неконкурентниот и неконтролиран увоз на брашно со околните држави кои се потписнички на ЦЕФТА и со соседите кои се членки на ЕУ.
-Ако не можат, тогаш нека спроведат соодветен реципроцитет. Изгледа дека само ние ги почитуваме ЦЕФТА протоколите, а домашното преработувачко производство во изминатите 15 години се намали за најмалку 60 отсто. Апелираме дека е крајно време да се преземат мерки за заштита и зголемување на домашното производство и преработка. Во спротивно, ќе се соочиме со енормно зголемување на цените на брашното и лебот како основни суровини од пченицата, која пак е заштитена со Закон како стратешка култура, кој Закон ниту еден државник не го почитува од 2000 година па наваму, предупредуваат мелничарите.
Според Малишиќ, сите членки на ЦЕФТА на најразлични начини го блокираат увозот на брашно како стратешки државен производ.
– Албанија ги има зголемено критериумите на протеин во брашното со што е невозможно да го произведеш во балкански услови освен ако користиш најквалитетна пченица, која пак пченица во наши услови е поскапа од брашното кај нас или кај нив. Косово, веќе спомнав, со правилник за дополнителни количини железо и фолна киселина. Во Србија производителите и преработувачите на пченица (мелнички капацитети) се подржани со најразлични субвенции, со што цената на брашното е скоро иста како цената на пченицата иако во ЦЕФТА комитетот постои оддел за антидампинг цени, вели претседателот на Групацијата.
МИА побара одговори од Министерството за економија и АХВ во врска со информацијата на мелничарите за косовската блокада.
-Запознаени сме со настанатата ситуација и ја следиме состојбата. Во комуникација сме со косовските власти за изнаоѓање заедничко решение. Ќе преземеме соодветни мерки во зависност од информацијата во текот на следната недела, кусо наведоа од Министерството.
Од АХВ, пак, велат дека имаат издадено сертификат за безбедност кој е усогласен со косовската Агенција за храна и ветеринарство.
-Сертификатот е придружен со резултати од спроведени лабораториски испитувања за безбедност на брашното, направени од страна на извозникот. Испитувањата се направени со соодветни акредитирани методи, со кои е потврдено дека производот е во согласност со важечките прописи за безбеднсот на Република Косово, напоменуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Косово има Правилник за квалитет во кој се бара во брашното да има зголемено ниво на железо и фолна киселина како начин да ја заштитат својата мелничка индустрија од увозно брашно веќе 15 години. Поради ова, за да ги исполнат условите за извоз во Косово, нашите мелници, како што објаснуваат од Групацијата при Стопанската комора, дополнително дозираат премикс со железо и фолна киселина.
Извозот на македонско брашно на Косово е минимум 600 тони месечно, а изминативе денови биле вратени најмалку 300 тони брашно.
Според податоците на Стопанската комора, лани извозот на македонско брашно на Косово на годишно ниво бил 4.400 тони, а во 2019 година изнесувал 8.400 тони. /МИА