Милевски најави мерки за општините и јавните претпријатија, со кои ќе се справат со енергетската криза
Министерот Милевски истакна дека најголеми финансиски проблеми имаат претпријатијата, на кои водоснабдувањето им е со пумпи, што се големи потрошувачи на електрична енергија.
Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски е во постојана комуникација со градоначалниците, но и со директорите на комуналните претпријатија, коишто се соочуваат со високите сметки за електрична енергија и во прашање им е доведена ликвидноста. Министерот Милевски истакна дека најголеми финансиски проблеми имаат претпријатијата, на кои водоснабдувањето им е со пумпи, што се големи потрошувачи на електрична енергија.
-Доведена е ликвидноста на јавните претпријатија, меѓутоа ние како министерство можеме само да го пренесиме нивното барање. Ние како министерство немаме финасии за тоа, ви кажав нашите средства се 1,5 милиони евра, што им ги доделуваме на општините, вели Милевски.
Посочи дека Владата треба да донесе одлука за помош на општините и јавните претпријатија, а Министерството за финансии ако има средства или да се изнајдат, како и да се понудат некои поволности за општините и јавните претпријатија, со цел полесно да ја пребродат енергетската криза.
-Сепак основната клетка на комуникација на државата со граѓаните се општините и локалната самоуправа. Се разбира и јас поддржувам дека треба да изнајдиме механизам, заеднички, не само Владата, државата и локалните претпријатија, општините да излеземе во пресрет на барањата на граѓаните, бидејќи навистина оваа криза ќе ги удри сите, најмногу нас како граѓани. Ние живееме во градовите и имаме проблеми со осветлувањето, вели Милевски.
Забележа дека досега имал неколку состаноци со ЗЕЛС и смета дека најитно треба да се најде заеднички јазик меѓу двете страни и да се решат проблемите. Министерот Милевски истакна дека Владата секојдневно работи на нови мерки за да се ублажи ударот од енергетската криза. Прашан за иницијативата за онлајн наставата во училишта, со цел училиштата да немаат високи сметки за струја, Милевски истакна дека оваа одлука ја носи Министерството за образование и наука.