Милевски: За безбеден зимски туризам набавени возила и специјализирана опрема
Возила и специјализирана опрема за спасување во зимски услови се набавени во рамки на Проектот: „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“ финансиран од Европската Унија
Возила и специјализирана опрема за спасување во зимски услови се набавени во рамки на Проектот: „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“ финансиран од Европската Унија, преку ИПА2 Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија и министерството за локална самоуправа, а го спроведуваат Црвениот крст Охрид, општините Дебрца и Грамш како и Алпинистичкиот Клуб ПАТАГОНИЈА-Охрид.
– Проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“ има за цел промоција на социо-економскиот развој на охридско-преспанскиот прекуграничен регион преку одржлив развој на туризмот, со особено внимание за создавање деловни можности за урбаните и руралните области од поширокиот регион, како и понуда на различни туристички пакети и промоција на високи стандарди за безбедност во туризмот. Поконкретно, целта на проектот е да се прошири туристичката сезона преку цела година, како и да се обезбеди поизбалансиран и инклузивен развој на поширокиот прекуграничен регион околу Охридското Езеро со приближување на општините Дебрца и Грамш кон Охрид и Поградец, рече министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.
Тој појасни дека имплементација на проектот започна на први ноември 2019 година и ќе се спроведува три години, а вкупниот буџет на проектот изнесува 692.000 евра, од кои 588.200 се грант од ЕУ, а останатите средства се обезбедени со кофинансирање од страна на споменатите партнери.