Младата Кристина од Неготино одгледува свилени буби
Кристина знае дека во минатото, тиквешани, освен грозје, одгледувале и свилени буби.
Младата Кристина Тодорова од Неготино има несекојдневна љубов, одгледува свилени буби. Тие уживаат во својот простор, во собата веднаш до нејзината. Дваесет и тригодишната неготинка е апсолвент на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, па се заинтересирала за одгледувањето свилени буби, коишто како извор за храна користат само листови од црница. Кристина знае дека во минатото, тиквешани, освен грозје, одгледувале и свилени буби. Така било до почетокот на шеесетите години, во Тиквешијата, покрај лозјата, се одгледувале и свилени буби.
-Во обезбедувањето соодветни услови при одгледувањето на моите нови миленици, со совети ми помага мојот дедо Петре. Тој, како мал, кога во овој крај масовно се одгледувале свилени буби, бил одговорен за хранење на ларвите со листови од црница, во неготинското село Војшанци, откри оваа девојка за МИА.
Таа нагласи дека свилените буби ги одгледува само експериментално.
-Би рекла, за запознавање со оваа древна култура, овој дргагоцен инсект, којшто со децении наназад се одгледувал по селата во големи количини. Јас ги одгледувам во соба во специјални кутии, кадешто секојдневно им додавам свежи листови. Моите блиски пријатели се заинтересирани за нив, со оглед на фактот дека според моите информации, само овде, во земјава, се одгледуваат и се многу љубопитни да ги видат, а посебно, природната свила, кожурецот, вели таа за свилените буби.
Тодорова додаде дека нејзини втори миленици коишто ги одгледува во моментов, се паразитоидните оси, коишто се најголем непријател и природен контролор на популацијата на мувите.https://nezavisen.mk/mladata-kristina-odgleduva-svileni-bubi/