
Младите фармери Марио и Даниел од Куманово избраа да се занимаваат со сточарство
МЛАДИ И УСПЕШНИ! Годишно во фармата продуцираме околу 1700 до 1800 прасиња
Браќата Марио(24) и Даниел(21) Илиевски од Куманово се одлучија да се занимаваат со сточарство и да ја продолжат семејната традиција за одгледување на свињи во фарма во близина на Куманово.
Марио веќе успешно менаџира со фармата во која има 100 маторици и околу 400 прасиња.
„Годишно во фармата продуцираме околу 1700 до 1800 прасиња од кои 1000 ги товиме, а останатите ги продаваме. Задоволни сме од работата, и од субвенциите кои државата ги одеделува за нашиот сектор“, вели Марио Илиевски – Банза, во разговор за Зелена берза.
Според него, оваа сточарска гранка нема проблем околу продажбата на прасиња, цената моментално се движи околу 200 денари жива мера, свинско месо.
Марио е дециден дека огледувањето на свињи е профитабилен бизнис за оној кој знае како да го работи и менаџира.
„Ова е наш фамилијарен бизнис што го работи татко ми Небојша веќе 20 години, ние сме тројца браќа и сите имаме интерес да продолжиме со работата. Имаме доволни приходи од работата и затоа не се делиме во семејството, остануваме сплотени и анагажирани околу фармата. Имаме одлични, би рекол перфектни услови за благосостојба на животните во две одгледувалишта. Ангажиравме и тројца работници, но главните работи ги вршиме јас и брат ми Даниел и најмалиот брат Ален кој има само 12 години со задоволство и мерак доаѓа на фармата“, вели Марио за Зелена берза.
Младиот сточар вели дека подобро за младите е да имаа свој бизнис и да работат за себе.
„Можам да кажам дека сум задоволен што имаме приватен бизнис, презадоволи сме, Планираме да го шириме бизнисот. Јас менаџирам околу состојбите во фармата, барат ми студира ветерина и е ангажиран околу стоката, а мајка ми Смиља, веќе една година има фурна, каде продаваме и печени прасиња. Значи имаме се’, од производство до готов производ“, вели Марио.
Анета Блажевска