Одењето на печалба во странство не е нешто ново. Уште во првата половина на минатиот век барајќи спас од сиромаштијата луѓето заминувале на печалба, претежно во преку океанските земји, а не ретко и во држави од европскиот континент. Некои заминале и не се вратиле. Но за воља на вистината ги има и оние што се вратиле.
Идриз Мена 34 години работел во Швајцарија. Заминал оттука во времето на кризата на Анте Марковиќ во бивша Југославија. Се пензионирал и продолжил да живее и работи во своето родно место с. Мислодежда.
„Желба ми беше да се вратам, да не остани земјата не обработена. Сеедно дали ќе успеам или не, само да не остани така земјата. И не згрешив, вели Идриз покажувајќи ни што сработил за овие три години. Помина моето. Мојата иднина веќе замина. Желба ми е да направам нешто, ако успеам да направам нешто, да ги вратам децата,“ додава тој.
На земјата со која располага одлучил да одгледува ореви од сортата Чендлер како и Пауловнија брзорастечки дрвја. Пред да започне со сите активности се консултирал со стручни лица, да види дали климатските услови одговараат за неговата идеја. Како што вели во тоа многу му помогнале Ајри Далипи агроном од Струга како и неговиот помал син кој исто така е агроном, а моментално е во Швајцарија. И едните и другите му се во добра кондиција и се надева кога ќе стигнат во полна зрелост ќе има добри приноси.
„На површина од 4000м2 имам посадено 300 садници Пауловнија. Дрвјата се две години стари. На други две парцели имам посадено ореви околу 230 садници и тие машала се добри, вели Идриз. Син ми често доаѓа да ги види и ми кажува што треба да правам за да може правилно да се развиваат“, додава тој.
Вели дека инвестицијата што ја вложил не е ништо во споредба со желбата да се успее во она што го почнал. Пауловнијата ја купил по 5 евра за садница од Нови Сад, а оревите ги платил по 8 евра за парче. Проблемот за вода го решил со копање на два бунари. Она што во моментов му е потребно е трактор и цистерна, за да може да им носи вода на оревите бидејќи му се на различни парцели.
„Поднебјето е одлично и овде може да вирее се’. Памтам овде на времето имаше 4-5000 овци, а сега има само едно трло со 100 овци. Ова место одговара и за кози, оти тие се стока што малку им даваш , а многу добиваш. Само треба да се направи прописно штала и секако пласман за млекото. Овде може се’ да успее има ресурси, само треба државата да донесе добра законска регулатива и да ги привлече младите да се вратат“, вели Идриз.
Прави споредба со Швајцарија и вели дека таму државата многу ги помага тие што се занимаваат со земјоделие. Куќата како и многу други во селото убава, стросана, со прекрасен двор. На другиот крај од него бавча со се’ она што носи сезоната како и кокошарник со петли и кокошки. Пчеларникот пак му е на друга парцела.
Ние сме далеку од Швајцарија. Додека младите си заминуваат, развојот на земјоделството во Струшкиот регион е во рацете на пензионерите, со надеж дека еден ден можеби ќе се вратат.
П.Јовановска