Младите од село не размислуваат толку за заминување во странство ако успеат да создадат успешно земјоделско производство
Младите од село не размислуваат толку за заминување во странство ако успеат да создадат успешно земјоделско производство
Додека сите деца си играле тој учел да вози трактор и помагал околу одгледувањето на крави кои порано ги чувал неговиот татко. За себе вели дека вози трактор уште од мал кога се уште не ги достигнувал педалите на тракторот сепак го возел. Сега има 27 години и во Пехчевското село Умлена каде и старите се иселени а млади веќе одамна нема, има успешно производство зад себе и само така вели младите помалку размислуваат за странство туку размислуваат како да бидат успешни во тоа што го работат.
-Во моментов има 2 хектари под модра слива, на околу 1,5 хектар секоја година одгледувам компир, 3 до 4 хектари сеам под пченица и пченка кои ги користам за малата свињарска фарма која планирам во иднина да ја проширувам а планирам следната година да подигнам 2 хектари по лешник . Дел од нивите се под концесија, дел се сопствени но и дел работам по кирија. Сето ова го работам опремен со целата механизација која ми е потребна бидејќи се потешко се наоѓа работна рака и многу е скапа па мора да сме добро опремени со механизација, вели Мартин Поповски млад земјоделец од село Умлена.
Овој успешен млад човек досега има конкурирано и земал дел од потребната механизација преку мерката млад земјоделец како неповратен грант во вредност од околу 10 илјади евра. Останатиот дел за да се до опреми со потребната приклучна механизација но и да земе нов и поголем трактор го направил успешно преку ИПАРД фондовите од каде искористил набавка во висина од 15 илјади евра од кои 70% му се неповратни како земјоделец кој потекнува и работи во рурална средина. Тој заедно со уште девет други одгледувачи на сливи и вишни имаат основано задруга пред неколку години. Главната идеја за здружувањето биле да се обединат и на тој начин да имаат поголема количина да понудат на пазарот и со тоа да си го решат проблемот со пласманот. Првите две години од здружувањето биле погодени од мраз и драстично намален род а ланската година имаше преголема родност на секаде па цените беа многу ниски што според него малку ги обесхрабрува членовите но никој не се откажал.
-Многу ни помогна тоа што имаме наша аптека и вработено агроном, па во такви лоши години можеме да си земаме ѓубре и препарати кои за нас се со далеку пониска цена. Но најголемата придобивка од задругарството е што преку проект земавме берачка за сливи и вишни која многу ни прави заштеди во работна сила и на тој начин ни се намалуваат трошоците за да останеме конкурентни и да имаме заработка дури и во лоши години. Во задругата вкупно имаме околу 60 хектари и оваа машина не беше доволна па затоа конкуриравме и добивме друг проект каде во вредност од 50 илјади евра земавме уште една берачка за да ни биде доволно и трактор со приклучна механизација за него додава Поповски.
Онаа слива што има послаб квалитет ја преработува во ракија и за новините кои предвидуваат олеснителни околности за легална продажба на ракија смета дека може многу да помогнат да се постигне подобра цена и да се ориентираат на квалитет и градење на бренд за да се освојуваат одредени маркети или кафеани. Плановите и амбициите на овој млад земјоделец се големи но од она што досега го постигна може да се очекува добар напредок и пример како преку задругите и со вредна работа визијата за заминување во странство може да се оствари и во родното огниште.
З.Б.