Животот е многу убав ако знаеш да го живееш и секој си е посебна приказна за себе сеедно дали е во рурална или градска средина. Секое место си има свои позитивни и негативни елементи и секој го сака она што го нема. На жителите од руралните средини им недостигаат оние културно забавни елементи, а на овие од градот им недостигаат природата, чистиот воздух и здрава храна. Зелена берза беше на терен во руралните средини.
Таму се знае, животот е поврзан со земјоделството. Живееме, кој како може, но сегашниот начин на живот со оној во минатото е многу поразличен, велат жителите што ги посетивме.
„Живеам и работам овде с. Долно Чарлија. Се што имам овде сум спечалил нигде на друго место. Се занимавам со земјоделие и со трговија, овде во дуќанчево, вели Стеван Стојановски жител од ова село. Пченица, пченка и сончоглед и по нешто тутун. Порано имаше многу фамилии што чуваа стока, ама сега останаа само 3-4 фамилии. Јас имав 30 крави, не можев да ги чувам и ги продадов. Со ова модерново производство требаше да се вложат многу пари, а немав толку. Од она што го работиме не остануваше многу и се откажавме“, додава Стеван.
Појаснува дека проблем се нерешените имотно правни односи во селото за што не можи да добива субвенции иако обработува голема површина на земја. Од вкупно 25 ха само 7 се негови а останатите му се земени под закуп, но не ги користи субвенциите. Се води по тоа дека „парата пари прави“ и дека само тој што има пари може напред да оди.
„За да купиш нешто треба кредит. Банките ќе ти дадаткредит на 4-5 години и дури да го вратиш, сето она што ти останало го зеле банките. Државата од една страна дава, а од друга банките „ќарот“ го земаат, се пожали Стојановски. Работа колку сакаш ама пари ич“ додава тој.
Годината била добра за земјоделските култури, но ниските откупни цени си го направиле своето иако имало добар род.
„Со житариците има помалку работа ама пари „ич“. Имав произведено 50 т пченица, 20т пченка и 20 т сончоглед. Откупувачите ни ги земаат по цена на границата, ни велат имате субвенции ќе покриете, ама јас немам од што да покријам. Од сончогледот воопшто не сум задоволен. На предавањата едно ветуваа, а друго направија. Сè оди напред и сè се развива само нашето надолу оди, нема шанси да опстанеме. Цената треба да биде задоволителна за да може да опстанеме, а субвенциите треба да се употребат за да се надградуваме. Ние со субвенциите се крпиме, чекаме да ги земеме за да ја платиме струјата“, вели Стојановски.
И покрај сите маки и проблеми со кои се соочува предвидената есенска сеидба ја реализирал. Поднебјето во Чарлија е такво што може да се живее само од земјоделие. Дуќанчето што го работи го држи, како што вели, да се врткаат луѓето, да не се испусти селото, дека од тоа нема голем ќар. Скоро 90% од жителите пазареле во градот.
„Во денешно време може да опстанат само големите земјоделци што обработуваат големи површини што ги поседуваат легално (имаат документи и може да добијат субвенција). Порано со 10 ха земја се живееше многу убаво, денес со 20 ха си сиромав. Не се исплати, затоа младите си заминуваат “, со жалење констатира Стојановски.
„Младите сакаат поубав живот, да одат в град, да се дотераат, да се забавуваат.Бараат работа по фабриките и странство. Од заработката на село не може многу да се направи. Ретко некој млад да продолжи да се занимава со земјоделство , ние сме последна генерација што сака да се занимава со земјоделство“, рече Стеван при нашата посета во неговото село Долно Чарлија.
П.Ј.