вести

Млекарницата „Николови“ ќе мора одново да се гради

Пожарот во понеделникот речиси целосно ја пеплоса најголемата светиниколска млекарница „Николови“, а причинета е голема материјална штета. Според командирот на светиниколската противпожарна единица, Зоран Трајчев, во огнената стихија што ја гаснеа светиниколските пожарникари, со помош на противпожарни екипи од Штип и од Велес, изгореле околу 1.200 квадратни метри деловен простор, односно погонот и магацините, а бил спасен канцеларискиот дел. Вчера се расчистуваше опустошениот простор од огнената стихија што ја зафати новата современа фабрика изградена пред неколку години на влезот на Свети Николе.

mlekarnicata nikolovi kje mora odnovo da se gradi

 

„Изгореа халите, магацините, машините, изгоре се’. Не беше осигурано. Првично, материјалната штета ја проценуваме на околу еден милион евра. Ќе мора се’ да се гради од почеток, на ново. Интензивно го расчистуваме просторот. Изградбата очекуваме да трае три до четири месеци, а веројатно ќе стартуваме веќе од утре. Претходно, 15 години работевме на друга локација, а новата фабрика ја изградивме пред три години“, ни рече вчера сопственикот, Игор Николов.

Млекарницата има дваесетина вработени и околу 300 кооперанти. Производите се пласираа на домашниот пазар, главно во познати маркети во Македонија, а помал дел од произведеното се извезувало и на американскиот пазар.

„Нема да се почувствува прекин во испораките на нашите производи. Во други магацини имаме готова стока на резерви, така што потрошувачите и во наредниот период ќе може да ги набавуваат производите ’Николови‘ во континуитет. Што се однесува до нашите околу 300 кооперанти, договоривме додека трае прекинот на производствениот процес во нашата млекарница, млекото од нив да го презема млекарницата ’Здравје‘ од Радово. И тоа, најверојатно, ќе почне веќе од утре“, вели Николов.

Надлежни органи извршиле увид за причините за пожарот и како што вели сопственикот на млекарницата, според првичниот увид, веројатно причина за негово избувнување била електричната инсталација.

Пожарот избувнал околу 9 часот утрото на 1 август и за 20-ина минути зафатил поголем дел од млекарницата, при што ја уништил целата опрема која се користи за обработка на млекото и млечните производи. Повеќе од два часа им биле потребни на противпожарните бригади да се справат со огнените јазици. Во интервенцијата бил полесно повреден еден пожарникар кој меѓу првите пристигнал по дојавата за пожар. Од страна на медицинскиот тим кој бил присутен му била дадена соодветна помош.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close