fbpx
Вести

Млекопроизводството се намалува, нема кој да одгледува крави

mleko

Иселувањето на жителите од руралните средини, особено младата популација, ниската откупна цена на млекото, нискиот просек по молзна крава се само мал дел од причините за намалување на производството на кравјото млеко. Производството на кравјо млеко во 2017 година изнесува 394.140 илјади литри, што е за 2,2 отсто помалку во однос на 2016 година, објави Државниот завод за статистика. Од ДЗС посочија дека има намалување и на производството кај овчото млеко за 13,9 проценти и кај козјото млеко за 0,4 отсто во однос на претходната година. Кои се причините за падот на производството и како до заживување на сточарството како гранка се главните прашања што се наметнуваат.

Причини, како што велат упатените, има многу, а за да се дојде до подобрување на ситуацијата е потребно ангажирање на сите фактори. – Големото и масовно иселување од руралните средини, особено на младата популација, според мене, е главна причина. Едноставно нема кој да одгледува стока и да произведува млеко. Состојбата е таква што младите иднината ја гледаат надвор од руралните средини. Од друга страна, и цената на млекото е ниска, поради што одвај се покриваат трошоците за производство, па луѓето не се мотивирани да одгледуваат стока за производство на млеко – вели Петар Андонов од Агенцијата за поттикнување на земјоделството. Андонов укажува дека во Македонија претежно се работи со сорти што имаат низок просек по молзна крава.

Производителите на млеко најчесто не произведуваат и сточна храна, што значително им го зголемува трошокот за производство на млеко, бидејќи храната што ја купуваат е многу скапа. Едно од решенијата во овие ситуации е да им се понуди државно земјиште на млекопроизводителите, кои би го искористиле за производство на добиточна храна и така би ги намалиле трошоците за производство на млеко. Уште еден проблем на кој укажува Андонов е немање квалитетни грла говеда за млеко, поради што и да сака некој да отвори фарма, нема од каде да набави крави со висок принос. Индустријата на млеко и млечни производи е еден од најважните сегменти од агроиндустрискиот комплекс, а нејзините производи спаѓаат во групата прехранбени производи што заземаат значаен дел од вкупната потрошувачка на храна кај просечното македонско семејство.

– Производството на млеко и млечни производи во Република Македонија има своја традиција, а разновидноста на географските обележја придонесува за разновидност на видовите и рецептите на млечните производи. За подобар квалитет на производите е потребно да се обезбеди производство на квалитетно млеко. Ова има особено значење поради стремежот на државата за побрзо зачленување во ЕУ, каде што има високи стандарди и регулативи во синџирот на млекопроизводството и млечните производи – велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Производството на млеко во Македонија се карактеризира со голем број мали фарми, традиционалните фармери се 75 проценти од вкупниот број, кои имаат нископродуктивни од една до три крави, со ниско годишно производство на млеко од две до три илјади литри по крава.

Мал е бројот на големи специјализирани фарми со над 20 крави, кои изнесуваат околу 3 отсто од вкупниот број и кои имаат висока продуктивност и годишно производство на млеко околу 5 илјади литри по крава. Само еден процент од фармите имаат повеќе од 50 грла. Од Министерството велат дека основен проблем во производството на млеко е обезбедување евтина и квалитетна добиточна храна, примена на современи услови на одгледување и подобрување на расниот состав на добитокот. – Развојот и перспективите на млекарството во Република Македонија треба да се гради интегрирано, со еден систематски приод кон решавање на состојбите во млекопроизводството, притоа посветувајќи им еднакво внимание на сите нивоа на вертикално интегрираниот синџир на млекопроизводство, од примарно производство односно земјоделци, откуп, преработка на млеко и пазар на млеко.

Идентификувањето и спроведувањето на стратегиските определби за млечниот сектор се значаен дел од реформите на аграрната политикана МЗШВ, како и приспособување кон моделите на заедничката аграрна политика во ЕУ – објаснуваат од Министерството. Оттаму додаваат дека во согласност со Законот за земјоделство и рурален развој оваа годинa е формирана Потсекторска постојана група за млеко, која е составена од членови номинирани од здруженија на млекопроизводители, млекопреработувачи, трговци, високообразовни и научни институции, здруженија на потрошувачи, чија цел е подобрување на состојбите во секторот.

Статистиката покажува дека бројот на говеда е константен и се движи околу 250.000 грла, производството на кравјо млеко во 2016 година било најголемо и изнесувало над 403 милиони литри, а во 2017 година има пад и изнесува 394 милиони литри. Според Државниот завод за статистика, овој пад се должи на намалениот просек на млечност по молзна крава во 2017 година, кој изнесувал 2.867 литри по молзна крава, а во 2016-та изнесувал 3.046 литри по молзна крава. – Политиките на МЗШВ се во насока на развој на млекопроизводството и зголемување на добиточниот фонд. Министерството преку Програмата за финансиска поддршка во земјоделството, како поддршка на млекопроизводството, покрај основната мерка за обележени грла говеда, кое изнесува 2.800 денари по грло, доделува и поддршка од 3,5 денари за литар предадено сурово кравјо млеко во преработувачки капацитети – објаснуваат од Министерството.

Надлежните истакнуваат дека со програмата за 2018 година за 10 отсто се зголемени субвенции по грло за фармерите со развоен потенцијал, односно оние што имаат од 5 до 20 говеда, за кои субвенцијата по грло е 3.100 денари, за да се мотивираат да го зголемат добиточниот фонд. Исто така, предвидени се 1.500 денари за продадено или заклано грло, дополнителни директни плаќања за производство на говедско месо и 1.500 денари за грло женско говедо ако има најмалку 30 грла говеда. Во согласност со Националната петгодишна програма за финансиска поддршка во земјоделството, од 2019 година е планирано исплатата на субвенции да биде во согласност со класата на суровото млеко, и тоа за екстра-класа 4 денари за литар, за прва и втора класа 3,5 денари за литар. Преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2018 година, во мерката 121 ,,инвестиции за модернизација на земјоделско стопанство“, предвидено е поврат на средства од 50 отсто од инвестицијата за набавка на високостелни педигрирани јуници.


Категоризација на говедата според квалитетот на млекото

Агенцијата за храна и ветеринарство спроведува акциски план за категоризација на одгледувалиштата на молзни грла говеда врз основа на ризик, со унапредување на квалитетот на суровото млеко, во согласност со Европската регулатива за квалитет на суровото млеко, а во однос на вкупниот број бактерии и вкупниот број соматски клетки. Активностите за категоризирање на фармите треба да завршат до 2020 година. – Во согласност со дефинираните критериуми, фармите се категоризираат во три категории, според хигиенските критериуми, здравствената состојба на молзните грла и квалитетот на суровото млеко во однос на вкупниот број бактерии и бројот на соматски клетки. Врз основа на извршената категоризација, одгледувалиштата од прва категорија ќе можат да предаваат млеко во млекарниците, а преостанатите, додека не го подобрат квалитетот и не поминат во прва категорија, нема да можат да го предаваат млекото за преработка – објаснуваат од АХВ. Од страна на официјалните ветеринари досега се категоризирани вкупно 1.400 одгледувалишта на молзни крави. Паралелно со овој процес, се врши внесување на географските координати за секое одгледувалиште одделно, за олеснување на постапката за контрола и исплата на субвенциите за сточарите.

 


 

новамакедонија

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close