Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ванчо Костадиновски ги информира земјоделците дека законските решенија се предложени и истите ќе бидат донесени кон крајот на септември или почеток на октомври.
-Во моментов проектот за инсталирање на „Капка по капка“ предвидува поддршка на земјоделците кои набавиле и реализирале ваков систем, во висина од 50% од реализираната инвестиција. Истиот сега се однесува само за житни и фуражни култури и со критериуми за оние кои што имаат од 1 до 20 хектари капацитети. Со оваа мерка која ја промовираме денес покрај во програмата за рурален развој ќе предложиме и измена на законот за земјоделство и рурален развој, висината од 50 % ќе ја зголемиме на 80 % и ќе овозможиме зголемување на површините како критериум со кој ќе се одлучува при одобрувањето на апликациите за овој проект кој ќе почне да се применува од 2017-та година. Тоа значи дека ако до денес сме имале реализација на неколку стотици хектари за околу 60 лица, планираме да го зголемиме бројот на одобрени проекти и површината која ќе биде покриена од вакви системи за наводнување вклучувајќи ги и бунарите кои на оние места каде нема канали и системи за наводнување, ќе овозможиме покривање на инвестициите за ископување на бунари. За тоа планираме исто така да обезбедиме средства во програмата за рурален развој, информира Костадиновски.
Воспоставувањето на систем за наводнување и соодветно дозирање на водата во целиот производен систем, овозможува зголемување на земјоделските приноси, кај некои култури и за неколку пати. За таа цел, а во насока на подобро искористување на природните ресурси, Владата преку МЗШВ предлага субвенционирање за воспоставување на алтернативни системи за наводнување и воспоставување на системи Капка по капка. Целта на оваа мерка е зголемување на обработливите површини под систем за наводнување, за подобрување на квалитетот и приносите на земјоделското производство.
Право да конкурираат ќе имаат физички лица, на кои земјоделството им е примарна дејност (регистрирани земјоделци за производство на раноградинарски производи или за овоштарство), земјоделски компании, или земјоделски задруги.
Цел на набавка е опрема за воспоставување на систем за наводнување за расадници, одгледување на раноградинарски култури, овоштарство или за наводнување на стакленичко или пластеничко производство.
Преку мерката финансиски ќе се подржат земјоделците и земјоделските стопанства за инсталирање на модерни системи за наводнување. Тоа ќе донесе сериозна заштеда. Проценките говорат дека цените за чинење за инсталирање на систем Капка по капка за површина од еден хектар за следниве површини изнесува:
- За овошен насад – 105.797 денари;
- За лозов насад – 114.422 денари
- За систем за наводнување на пченка (Житни култури) – 123.000 денари
Максималната површина за која ќе се однесува поддршката ќе биде до 50 хектари.
На пример, согласно претходните пресметки за десет хектари, за наводнување на житна култура вкупната инвестиција за Капка по капка ќе биде 1 123 000 денари. Дури 984,000 денари односно e 80% ќе покрие државата, ова се пари кои остануваат во џебот на македонскиот земјоделец, а остатокот го обезбедува корисникот.
Овие 20 проценти кои треба да ги обезбеди корисникот од сопствени средства, за задругите и земјоделските компании кои имаат и поголеми површини каде инвестицијата е и позамашна, може да ја искористат евтината кредитна линија од Македонската банка за поддршка на развојот која обезбеди 10.8 милиони евра за евтини кредити земјоделските стопанства. Каматната стапка е само 2% а рокот на отплата до 5 години.
Што се однесува до ископот на бунари, просечната сума која е потребна за изградба изнесува околу 150 илјади денари, на длабочина до 50 метри. Со оваа најнова мерка државата ќе покрие дури до 80%, пари кои остануваат како заштеда на земјоделецот. Дополнително ќе бидат извршени и законски измени со кој што ќе се олесни постапката за добивање на водостопански дозволи за изградба на бунари.
Со мерката не само што земјоделците ќе заштедат 80% од сумата за инсталирање на системот и изградба на бунари, туку и ќе имаат зголемен принос што значи екстра профит и заработувачка. Затоа е потребна масовна примена на системот.
-Ќе бидеме силно фокусирани на зголемување на површините на кои ќе се инсталираат вакви системи заради постигнување на повеќе ефекти. Сите се согласни и тоа е факт дека во Република Македонија почвите се квалитетни и имаме добри климатски услови за одгледување и на овошни култури и на житни култури, пластеници и стакленици како и останати култури. Ефектите кои овозможуваат намалување на трошоците за производство на овие култури, зголемување на приносите и заработувачката за земјоделците, објасни заменик министерот.