fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

МЗШВ да каже, што да садат тутунарите, кога веќе не можат тутун

Игор Мирчески-Трансформацијата на тутунарите да се субвенционира двојно и тројно повеќе.

Новата реколта на тутунот ќе се реализира со договорено производство и  ќе тежи само 21 милион килограми тутун. Надлежните и откупувачите јасно порачаа дека ќе се откупуваат само договорените количини ,а се останато ќе биде вишок, и ќе остане неоткупено. Игор Мирчески, координатор на новоформираните тутунарски здруженија апелира МЗШВ да направи стратегија и да ги насочи тутунарите што да произведуваат за да можат да опстојат од земјоделие.
-Владата веднаш да го задолжи Министерството за земјоделие да направат стратегија во оние реони каде најмногу ќе има кратење на договорите во разговор со тутунарите, со земјоделците, со стручната и научна јавност, да се вклучат сите ресурси и човечки и интелектуални капацитети да се изнајде решение. Што да работат овие тутунари, кој друг производ успева во даден  реон, дали нивната почва е соодветна за друга земјоделска култура и дали за новите култури ќе има загарантиран пласман. Да се заведат сите тие што не по своја вина ќе мора да се преориентираат на друго производство во посебна програма и Министерството, односно  државата  двојно и тројно да ги субвенционира и да ја сноси целата  штета која ќе се појави во текот на таа трансформација како што тоа го направија некои земји од ЕУ наши блиски соседи, а каде и ние како држава се стремиме, порача Мирчески.
Според него времето е кратко,  новата земјоделска сезона е веќе за некои култури отпочната затоа треба да се реагира брзо.
-Апелирам до државата веднаш да реагира, земјоделците не смеат и не можат да прескокнат година без производство. Во ваква држава, со сопствена плодна земја, со климатски услови и одлична местоположба, земјоделци кои се вредни и чесни производители, а притоа да увезуваш храна од надвор или да ја нудиш земјата на продажба на странци е само показател дека немаме никаква стратегија и аграрна политика. Не е срамно да не знаеш, но грев е да не се вклучат оние кои знаат и кои можат, рече Мирчески.
А.Б
Тагови

Слични написи

Back to top button
Close