МЗШВ: Дополнителни 2 денари по килограм за предадено грозје во преработувачки капацитет
Преку измените на Програмата за финасиска поддршка во земјоделството за 2022 година воведена е нова мерка за предадено грозје во регистрирани капацитети за производство на вино во државата, со висина од 2 денари по килограм.
Владата на седница донесе две нови дополнителни мерки за финансиска поддршка на лозарите и винариите. Преку измените на Програмата за финасиска поддршка во земјоделството за 2022 година воведена е нова мерка за предадено грозје во регистрирани капацитети за производство на вино во државата, со висина од 2 денари по килограм.
Корисници на оваа нова подмерка се земјоделски стопанства кои имаат површини под лозови насади и остварено производство на винско грозје од реколта 2022 година, кое е предадено во регистрирани капацитети за производство на вино, или е преработено за потребите на сопствениот преработувачки капацитет.
Оваа мерка доаѓа по предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство
-Успеавме преку заеднички разговори со лозарите и винариите оваа година да постигнеме историски најголемо зголемување на откупната цена за грозјето од 30 отсто. Грозјето од сортата Смедеревката оваа година ќе се откупува по просечна цена од 13 денари за килограм, а вранецот по 15 денари за килограм, што е за 3 денари повеќе споредено со ланските откупни цени, соопштија од Министерството.
Како што посочуваат, со дополнителните мерки на веќе договорените 13 и 15 денари за килограм ќе се додадат уште плус 2 денари, со што откупната цена на грозјето ќе достигне 15 денари за смедеревка и 17 за вранец.
-Ако на ова ги додадеме и субвенциите од 40.000 односно 48.000 денари по хектар, стигнуваме до плус 3 денари за килограм, што значи дека со сета наша поддршка и коректниот однос на винариите, лозарите добиваат вкупно 18 денари за килограм за смедеревка и 20 денари за килограм за вранец, посочуваат во соопштението.
Финасиска поддршка е обезбедена и за винариите преку новата мерка за поддршка на произведено и извесено вино за период од 1 септември 2021 година до 1 септември 2022 година.
Корисници на оваа нова мерка се регистрираните производители на вино запишани во Регистарот на производители кои во 2021-2022 година имаат произведено и извезено вино. Финасиската поддршка со оваа дополнителна мерка изнесува 2 денари по литар за наливно вино, 3 денари за стаклена амбалажа до 0.75 литри, 3 денари за bag in box и ПЕТ амбалажа со тежина од 2 до 10 литри и 4 денари за стаклена амбалажа и ПЕТ амбалажа со тежина од 0.75 до 2 литри.
–Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство води грижа за секој еден земјоделец. Токму секторот лозарство и производство на вино за нас се од посебна важност, за тоа говорат и мерките кои како поддршка се даваат за лозарите. Од 2017 година до денес преку разни основи на поддршка достигнуваме до висока бројка на инвестирани од околу 76.5 милиони евра, од кои 74 милиони се средства директно исплатени кон лозарите. Денес домашното производство на грозје го стабилизираме, со просечно годишно производство од околу 270 илјади тони, додека просечното годишно производство на вино е околу 100 милиони литри, соопштија од МЗШВ.
Посочуваат дека се забележува раст и кај регистрираните винарски визби чиј број денес изнесува 139 визби, кои располагаат со вкупен капацитет за преработка на вино до околу 200 милиони литри, што е речиси два пати поголем од годишното производство на вино.
–Успешните мерки спроведени од Министерството и Владата бележат и континуиран раст на извозот на флаширано вино од скоро 69 милиони литри за 2021 година, што претставува пораст од 8,8 отсто по количина споредено со 2020 година, информираат од Министерството.