fbpx
Вести

МЗШВ ќе достави нота до Хрватска за стопирање на новиот Правилник за увоз на овошје и зеленчук

zelencuk

 

Со новиот Правилник што го донесе Хрватска за увоз на овошје и зеленчук, значајно се зголемуваат трошоците при извоз на македонското свежо овошје и зеленчук, што ќе влијае врз зголемување на крајната цена на чинење на
производот. Со такви зголемени цени, македонското овошје и зеленчук ќе бидат неконкурентни на пазарот.

Република Хрватска, го донесе новиот Правилник за инспекциски надзор и контрола за усогласеност на овошјето и зеленчукот со пазарните стандарди на 15.07.2017 година. Со овој Правилник трошоците за контрола на квалитет на овошјето и зеленчукот се зголемуваат од досегашните 90 куни (12 €) по производ, на 2.000 куни (274 €) по производ.

Сметаме дека со носењето на овој Правилник се воведува нетарифна бариера од страна на Република Хрватска за
заштита на хрватскиот пазар од увоз на свежо овошје и зеленчук.

Имајќи ги во предвид штетите кои може да настанат при извозот на македонското овошје и зеленчук на хрватскиот пазар, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе достави нота до Хрватското Министерство за земјоделство, во насока, примената на овој Правилник да биде стопирана и трошоците за инспекцискиот надзор да се сведат на реална нивна висина. Истовремено, ваква нота ќе биде доставена и до надлежните институции на Европската комисија.

Во насока на решавање на овој проблем, во понеделник надлежните Министри на Република Македонија, Република Србија и Босна и Херцеговина ќе се сретнат во Сараево за да изградат заеднички став и за заедничка реакција до Хрватската страна.

Република Хрватска е значаен трговски партнер на Република Македонија во трговијата со земјоделско-прехранбени производи, односно втора од земјите членки на Европската унија (со вредност на извозот на земјоделско-прехранбени производи од околу 36 милиони евра годишно) и трета од земјите членки на Европската унија (со вредност на увозот на земјоделско-прехранбени производи од околу 37 милиони евра годишно).

Вредноста на извозот на овошје и зеленчук од Република Македонија во Република Хрватска е околу 5 милиони евра годишно. Најмногу се извезуваат свежи пиперки, зелка, домати, краставици, трпезно грозје и лубеници.

Од Република Хрватска најмногу се увезуваат: месо од живина, шеќер, чоколади, цигари, сирење, конзервирана риба и други производи.

Република Хрватска како земја членка на Европската унија треба да ја почитува Спогодбата за стабилизација и
асоцијација (ССА) која Република Македонија ја има склучено со Европската унија. Односно, согласно ССА, член 27, точка 1, „Од денот на стапување на оваа Спогодба, Заедницата ќе ги укине царинските давачки и другите давачки кои имаат ист ефект за увозот на земјоделските производи со потекло од Република Македонија“.

Исто така со носењето на овој Правилник се врши дискриминација наспрема земјите членки на Европската унија, за кои трошоците за инспекцискиот надзор остануваат да бидат 90 куни, додека за трети земји (земји кои не се членки на Европската унија), трошоците ќе бидат 2.000 куни. Висината на овие трошоци е нереална, имајќи во предвид дека контролите се однесуваат на физичка проверка на производите.


 

бриф.мк

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close