МЗШВ потпиша четири нови проекти на ФАО
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, потпиша четири нови регионални проекти на ФАО, во вкупен износ од 1.5 милиони американски долари.
„Овие проекти се голем придонес кон решавање на актуелните прашања во регионот и подобра координација во справување со заедничките проблеми. Приближувајќи ги иновативните меѓународни практики и глобалните стандарди, ФАО во наредниот период ќе ни помогне да ги оствариме целите предвидени во стратешките документи, како и законските обврски, и успешно да ги спроведеме мерките во програмите за поддршка на земјоделството и руралниот развој“, изјави Николовски.
Првиот проект е насочен кон подобрување на контролата на штетници на растенија и системот за фито-санитарна сертификација и предвидува низа специјализирани обуки за сите чинители во фитосанитарниот систем.
За вториот проект, итно справување со Африканска свинска чума на Балканот, е многу важно навременото вклучување на Република Македонија како дел од регионот каде се појави оваа сериозна болест.
Третиот регионален проект со кој ќе се развива Стратегија за намалување на загуби и отпад од храна, доаѓа во вистинско време и се совпаѓа со еден од стратешките приоритети на Владата на Република Македонија.
Последниот проект е во областа на рибарството и аквакултурата и овозможува помош во креирањето на политиките во рибарството, преку согледување на моменталните состојбите, проценка на постоечките практики, нивна усогласеност со добрите меѓународни практики и нивен понатамошен развој.
Отпочнувањето на овие проекти е планирано во првите месеци од 2019 година.
Во јули годинава, Република Македонија ја потпиша Програмската рамка со Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) за периодот 2018 – 2020 година, со која се поставуваат приоритетните области за Владата на Република Македонија.
Станува збор за три приоритетни области кои се во насока на зголемување на конкурентноста на земјоделскиот сектор, подобрување на животот во руралните средини преку одржлив рурален развој, и јакнење на капацитететите за одржливо управување со природните ресурси и прилагодување кон климатските промени.