МЗШВ се подготвува за почеток и реализација на Програмата за директни плаќања за 2020 година
Во следниот период, пред почетокот на аплицирањето за субвенции, ќе се отворат дополнителни канцеларии од времен карактер за потребите на неколку подрачни единици на МЗШВ, кои имаат голем обем на работа во екот на поднесување на Барања за субвенции. Дополнителните канцеларии ќе бидат во функција само додека трае периодот на аплицирање. Целта е да се растерети работата на подрачните единици на МЗШВ во услови на Ковид-19 и да им помогнеме на земјоделците полесно да можат да ги завршат обврските без загрозување на нивното здравје и здравјето на нашите вработени .
МЗШВ ќе отвори дополнителни канцеларии од времен карактер во следниве општини: Росоман, Босилово, Василево, Ново Село, Облешево, Богданци, Старо Нагоричане, Могила и Новаци. За непречено одвивање на активностите канцелариите ќе бидат комплетно опремени со канцелариски мебел и материјали за работа. Сите дополнителни канцеларии ќе бидат снабдени со средства за дезинфекција.
Датумот за почеток на пријавувањето на земјоделците за субвенции, во најскоро време ќе го одреди Платежната агенција соодветно на периодот за кој службите ќе ги обработат податоците од промените направени во земјоделските стопанства, бидејќи рокот за измени во ЕРЗС оваа година беше продолжен до денес – 30. јуни. Точниот датум кога ќе се започне со аплицирање за субвенции, ќе биде соопштен на транспарентен начин, преку објава на веб станата на МЗШВ и преку медиумите.
Со цел да се спречат вообичаените гужви кои се создаваат во подрачните единици додека трае рокот за поднесување на барањата за субвенции, ќе се изготват списоци по азбучен ред. Онаму каде што има потреба ќе се воведе двосменско работење, вработените ќе функционираат во тимови со цел да се спречи појава на Ковид – 19 и да се редуцира бројот на оператори во одреден простор како и бројот на апликанти. За работа во смени помеѓу првата и втората смена ќе има празен период од половина час за да се избегне контакт меѓу двете смени и просториите да може да се дезинфицираат.
„Се подготвуваме да бидеме спремни во очекување на земјоделците кога ќе почнат да доаѓаат за аплицирање. Некој од подрачните единици ќе воведат двосменско работење. Се надеваме дека со една добра организација, нема да се создаваат гужви“ изјави министерот Димковски.
Веќе неколку години наназад на земјоделците им е овозможено и електронско аплицирање од дома. За таа цел изготвено е Упатство за електронско аплицирање со детални објаснувања чекор по чекор. За сите нејаснотии апликантите ќе можат телефонски да контактираат со вработените во подрачните едници. Упатството за електронско аплицирање и сите контакти со телефонски броеви и е-маил адреси од вработените во Подрачните единици, ќе бидат објавени на веб страната на МЗШВ и јавно достапни.
Министерот Димковски, ги повика сите земјоделци да почнат да користат електронско аплицирање бидејќи тоа е еден современ пристап кој го користат развиените држави и со кој во услови на здравствена криза, многу ќе се допринесе за заштита на здравјето на апликантите и на вработените во подрачните единици на МЗШВ, велат од министерството.